14.8 C
Skopje
недела, ноември 16, 2025

Александар Андов во „Македонија наутро“: Манифестацијата „Мали олимписки игри“ во Кочани е симбол на нов почеток

Во утринската програма „Македонија наутро“ на МТВ, директорот на основното училиште „Никола Карев“ од Кочани, Александар Андов, зборуваше за значењето на манифестацијата „Мали олимписки игри“, која годинава ќе се одржи токму во Кочани.

Андов истакна дека настанот доаѓа во исклучително тежок период за градот, кој се соочува со последиците од неодамнешната трагедија. „Ова е вистински момент да се слушне детскиот џагор во Кочани. Ни претстои долг пат до целосна рехабилитација како град, регион, но и како држава. Затоа е важно токму ние да бидеме првите што ќе придонесат кон тој процес“, порача Андов.

Според него, манифестацијата симболизира нов почеток – почеток на играта, развојот, спортот и позитивната енергија што ја носат децата. „Ние, кои сме во образованието и спортот, мора да бидеме на првата линија, да покажеме храброст и достоинство, и како генерација, и како спортисти што ги бранат боите на државата“, нагласи директорот.

Тој додаде дека децата со нетрпение го прифатиле веста за одржувањето на „Малите олимписки игри“ во нивниот град. „Ќе направиме сè за сите учесници да се чувствуваат добредојдени, а ние да се покажеме како вистински домаќини“, рече Андов.

Во разговорот се осврна и на значењето на физичкото образование, особено по воведувањето на предметот „Физичко и здравствено образование“ од прво до петто одделение. „Тоа е голема предност – најмалите сега имаат можност редовно да спортуваат, но и да се едуцираат за спортот, здравјето, дисциплината и хигиената“, објасни тој.

Андов заклучи дека во Кочани се вложуваат максимални напори за подобрување на условите за спортска едукација, согласно наставната програма. „Горд сум што ова кај нас функционира и што нашите деца растат во здрав и спортски дух“, рече директорот на ОУУ „Никола Карев“.

поврзани објави

Последни објави