Попладнево пред Универзалната сала во Скопје започна протест најавен од семејството на Фросина Кулакова, која загина во сообраќајна несреќа во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, изрази сомнеж за, како што рече, можен „правен инженеринг“ во случајот, по последните одлуки поврзани со правниот статус на обвинетиот. Тој посочи дека Врховниот суд повторно го враќа предметот поврзан со претходен случај за трговија со дрога на обвинетиот Васил Јованов на Апелацискиот суд, поради формални причини. Семејството смета дека постои обид за создавање правна конфузија и влијание врз казната.
Во меѓувреме, протестот продолжува пред Кривичниот суд, каде што се очекува да бидат соопштени конкретни барања за законски измени.
Васил Јованов, кој ја призна вината на првото рочиште и изрази каење, вчера беше осуден на 12 години затвор со одлука на Кривичниот суд во Скопје.
Семејството на загинатата најави дека ќе продолжи со протестите, барајќи одговорност и промени во, како што го нарекоа, „корумпираниот судско-казнен систем“.








