Во време кога сè повеќе луѓе ја напуштаат Македонија во потрага по подобар живот, постојат и такви кои се враќаат – со визија, со план и со љубов кон родната земја. Киро Гоцевски е токму таков човек. По повеќе од 20 години поминати во Швајцарија, тој донесе одлука што за многумина би изгледала необична – да се врати дома и да започне свој бизнис со… магариња.
Да, токму така. Гоцевски денес има над 45 магариња на својот имот, а од нив добива едно од најлековитите природни богатства – магарешко млеко. Ова млеко, познато како природен антибиотик, е вистински еликсир кој помага кај многу болести, но е корисен и за луѓето кои се сосема здрави. Киро вели дека интересот расте, но верува дека потенцијалот е уште поголем – само треба поддршка и разбирање од државата и заедницата.
Она што е уште поважно – Киро не е сам. Вработил човек кој секојдневно се грижи за животните и му помага во одржување на фармата. Со тоа, не само што создава производ со висока вредност, туку придонесува и за локалната економија.
Неговата хуманост исто така не останува незабележана – донирал над 300 литри магарешко млеко за повредените во трагичниот настан во Кочани, покажувајќи дека овој бизнис не е само комерцијален, туку има и душа, и срце.
Ваквите примери се ретки, но токму тие ни се најпотребни. Бизниси кои не само што се одржливи и природни, туку и здравствени корисни. Производство што речиси исчезнало од македонските простори, а може да стане симбол на иднината – здрава, домашна и хумана.
Киро Гоцевски не само што вложи во бизнис, тој вложи во иднината на Македонија. Неговата приказна треба да биде мотив и инспирација за сите оние кои размислуваат да се вратат – дека секогаш има начин да се почне нешто свое, нешто вистинско. А нашата задача како општество е да ги поддржиме луѓето како него – со вистинска институционална поддршка, со промоција и со почит.
Затоа што само со вакви луѓе, Македонија може да гради здраво и одржливо утре.