Со посебна чест и чувство на одговорност, денес го одбележуваме големиот јубилеј, осум децении од основањето на Државниот завод за статистика.
Овие 80 години не се само историја, тие се традиција на професионализам, кредибилитет и јавна служба, кои претставуваат темел на демократскиот и институционален развој на нашата држава. Денес можеме со гордост да констатираме дека македонската статистика е во голем дел усогласена со европската статистичка практика и со меѓународните стандарди. Податоците произведени од Државниот завод за статистика се официјални, висококвалитетни и меѓународно споредливи, што ја издвојува оваа институција како клучен извор на информации во Македонија.
Владата континуирано ја поддржува статистиката и тоа не само како административна функција, туку како стратешки ресурс за развој и напредок. Преку усвојување на Националната стратегија за развој на статистичкиот систем, преку финансиска стабилност, вложување во ИТ инфраструктура, човечки ресурси, како и преку соработка со европските институции, ние создаваме услови Државниот завод за статистика да остане независен, модерен и професионален.









