16.8 C
Skopje
Wednesday, August 20, 2025

Мицкоски до ДУИ: Ќе бидеме апсолутни победници на изборите, џабе се надевате на предвремени парламентарни избори

„Имаме различни гледишта на работите.“

Вака премиерот Христијан Мицкоски ја коментира изјавата на вицепремиерот и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити дека војната на УЧК во Косово и во Македонија била праведна, разумна и чиста.

„Не може да биде разумна и праведна војна, а од заседа да се убиваат припадници на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана. Тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени тој е затворен. Нашиот фокус како Влада е иднината, тоа сакаме да го видиме. Апелирам до сите разумни политичари да не играат на картата на ДУИ и на оние кои сакаат да не вратат 25 години назад. Да гледаме напред, да носиме инвестиции, да направиме поубаво место за сите граѓани. Тоа е суштината и ова е оската околу која ние треба да се обединиме“, изјави премиерот Мицкоски при посетата на Општина Петровец, одговарајќи на новинарско прашање.

Мицкоски апелираше сите политичари да се воздржат од теми кои не’ враќаат во минатото.

„Оваа влада и владина коалиција освои повеќе од 600 илјади гласови и ќе биде апсолутен победник на изборите“, рече премиерот Христијан Мицкоски, прашан за очекувањата за изборите и дали доколку исходот не биде посакуван, ќе има промени во владината коалиција.

За кампањата, вели дека очекува да се однесува на проекти, но според него, ДУИ наметнува теми и спроведува политики кои ги враќаат граѓаните 25 – 30 години назад.

„Кампањата очекувам да биде кампања која ќе се однесува на проекти, но очигледно дека има политичка партија, пред се мислам на ДУИ, која што наместо да зборува за проекти и иднина, не враќа 25-30 години назад и наметнува такви теми. И заедно со одредени структури во опозицијата, се обидува да наметне атмосфера во општеството, кога ќе излегуваат на избори да внимаваат за кого гласаат, бидејќи наметнувајќи теми од пред 25-30 години, сакаат да стават знак равенство помеѓу ДУИ и ВРЕДИ. Ставајќи знак на равенство, велат „и овие крадат, овие се помалку националисти“, мислејќи дека така ќе заборавиме на сета онаа пљачка која се случуваше изминатите децении. Затоа што мислат дека, ако граѓаните излезат и не гласаат за ВРЕДИ, тогаш тие ќе бидат апсолутни победници и ќе бараат предвремени избори“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски, им порача на ДУИ дека „тоа така не оди“, кога во прашање е придобивање на гласови со лажен патриотизам. Тој рече дека ДУИ имаат за цел да испровоцираат предвремени парламентарни избори, па порача да не се надеваат.

Според него, кандидатите кои ги нуди ДУИ се оние кои ги натерале Албанците да се иселат од Македонија, додека пак, оние кои ги нуди владејачката коалиција се кадри кои сакаат сите заеднички да ја градат иднината.

„На овие избори, граѓаните бираат помеѓу концептот што 20 години ја опустошуваше Македонија и оние кои сакаат заеднички да градиме иднина“, посочи Мицкоски.

поврзани објави

         

Последни објави