Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ и актуелна претседателка на Советот на Општина Битола денеска објави дека како независна ќе се кандидира за градоначалничка на Битола. Таа ги повика сите битолчани кои сакаат, како што посочува во објавата, да ја видат Битола поубава, почиста, непартиска и независна да ја поддржат.
– После сите шпекулации, написи, приказни, плукања, честитки, еве да расчистиме. Ве повикувам сите битолчани, без разлика дали сте симпатизери или членови на која било политичка партија, гласачи досегашни на која било политичка опција, досегашни негласачи, сите кои сакате да живееме во поуба, почиста, непартиска, независна Битола, да ме поддржите за независен кандидат за градоначалник и да се приклучите кон фронт против 30 и кусур годишното запоставување на градот – повика Илиевска.
Илиевскa нагласува дека за разлика од политичките партии, таа како независна кандидатка нема пари за кампања и маркетинг, но тоа нема да ја спречи во борбата.
– Пари за кампања и маркетинг немам ич, ама имам храброст, знаење, интегритет, чесност и достоинственост да излезам против сите кои досега само ја крадеа Битола. Време е Битола да биди независна – вели Илиевска.