Интервју со Д-р Адријана Илиевска Велковски, носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ за Совет на општина Делчево
1. Вие сте долгогодишен лекар и специјалист по Радиологија, со искуство и во Итната медицинска помош. Како Вашата професионална кариера ќе Ви помогне во носењето одлуки како советник во општина Делчево?
„Повеќе од седум години секојдневно се соочував со реалните проблеми на луѓето – од акутни случаи во Итната помош до долгорочни здравствени предизвици во радиологијата. Тоа искуство ме научи да носам брзи, но и правилни одлуки, да ги слушам граѓаните и нивните потреби, но и да им приоѓам со човечност. Во Советот на општината сакам да ја применам токму таа практичност и емпатија – да предложуваме мерки што навистина ќе се почувствуваат во секојдневието, а не само на хартија.“
2. Кои проблеми од здравството и јавното здравје во регионот ги гледате како најгорливи и што може локалната власт реално да направи за нивно подобрување?
„Најголемите проблеми се достапноста и инфраструктурата. Делчево и регионот зависат од поголемите здравствени центри, а тоа значи долг пат, дополнителни трошоци и загубено време. Општината може да помогне со подобри услови за пунктови, субвенции за превоз до клинички центри, но и со стимулирање на специјалисти да останат да работат во источниот регион. Локалната власт може да иницира и јавни превентивни програми, како редовни бесплатни скрининзи и предавања за здрав живот, кои ќе придонесат граѓаните да бидат поинформирани и заштитени.“
3. Какви очекувања имате од претстојната кампања и што ќе биде главниот акцент во Вашите настапи пред граѓаните?
„Очекувам кампања во која ќе надвладее идејата, а не личните напади. Мојот акцент ќе биде на конкретни, видливи решенија – уредено градско јадро, чисти улици, функционална инфраструктура, повеќе зеленило, поддршка за младите семејства, а и за пензионерите. Сакам да разговараме за тоа како Делчево може да биде град каде секој ќе сака да остане, а не да замине.“
4. Зад Вас стои цела листа на советници – кои вредности и квалитети ги носи Вашиот тим и што ги разликува од останатите листи?
„Нашата листа е комбинација од млади луѓе полни со ентузијазам и поискусни професионалци со знаење и авторитет. Имаме наставници, економисти, лекари, инженери, луѓе кои секојдневно се во контакт со реалниот живот во Делчево. Она што не издвојува е тоа што не доаѓаме заради функциите, туку одговорно и доброволно сакаме да ја преземеме работата за доброто на општината. Секој од нас има свое искуство кое ќе го внесе во советот – тоа е нашата вистинска сила.“
5. Вашата листа оди заедно со кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Гоцевски. Како ја гледате соработката со него и што ќе биде заедничкиот приоритет доколку добиете доверба?
„Со Иван Гоцевски делиме заедничка визија – Делчево да стане град со јасна насока и развојна динамика. Тој е човек кој доаѓа од приватниот сектор и знае што значи труд, инвестиција и чесна работа. Заеднички приоритет ќе ни биде инфраструктурата – од локални патишта до спортски и културни содржини, како и нови проекти за младите. Верувам дека само со силна координација помеѓу градоначалникот и советот може да се реализираат сериозни промени.“
6. Младите често се жалат на недоволно можности во помалите градови. Што би направиле како советничка листа за младите во Делчево да добијат повеќе шанси и квалитетен живот?
„Младите се најголемата сила, но и најголемиот предизвик. Денес многу млади заминуваат бидејќи нема доволно културни, спортски и работни можности. Ние ќе предложиме создавање на младински центар со дигитални работилници, креативни програми, поддршка за стартапи и локални бизниси. Ќе стимулираме повеќе спортски активности и инвестиции во спортска инфраструктура. Сакам младите да видат дека Делчево може да биде место каде ќе напредуваат и ќе создаваат семејства, а не само транзитна станица.“
7. Од друга страна, постарите граѓани имаат потреба од пристапно здравство, социјални услуги и хумани услови за живот. Какви решенија предлагате за нив?
„За повозрасните ќе инсистираме на програми за домашна нега, подобра достапност до лекови преку соработка со аптеки и здравствени установи, како и организирање бесплатни превентивни прегледи по населби. Исто така, ќе се бориме за подобрување на инфраструктурата во делови каде живеат повеќе пензионери – пристапни патеки, клупи, паркови. За мене достоинството на повозрасните е прашање на цивилизираност и тоа ќе биде наш врвен приоритет.“
8. Чистотата и зеленилото се постојани забелешки на делчевчани. Како Вие би придонеле да Делчево биде почист и поуреден град?
„Чистотата е основа за квалитетен живот. Ние ќе бараме систематско собирање на отпадот со нови контејнери и редовни акции, но и селекција на отпадот – нешто што во 2025 година е минимум за секој град. Ќе предложиме повеќе паркови, рекреативни зони и урбано зеленило. Делчево мора да стане пример за еколошки одговорен град – не само поради изгледот, туку и поради здравјето на граѓаните.“
9. Ако треба да издвоите три приоритети со кои ќе настапите во Советот на општина Делчево, кои би биле тие?
„Прво – урбано уредено, чисто и зелено Делчево. Второ – општина која инвестира во младите, во спорт, култура и образование. Трето – општина која се грижи за најранливите категории, особено повозрасните граѓани. Ова се три точки што можат да ја сменат сликата за градот во рок од четири години.“
10. Какво Делчево сакате да видите по четири години и што е Вашата главна порака до граѓаните пред изборите?
„Сакам Делчево по четири години да биде град со нови зелени зони, со младински центар, со уредени населби и почист воздух. Сакам младите да останат, а постарите да се чувствуваат сигурни и почитувани. Мојата порака е дека во Советот ќе влеземе со искрена намера да работиме за граѓаните, а не за фотелји. Верувам дека Делчево заслужува тим кој е секојдневно меѓу луѓето и кој ќе ја носи нивната вистинска грижа.“








