Времињата на кризи се повик за економска мобилизација и колективна акција на целата заедница. Потребно е да ги поврземе оние што истражуваат, оние што одлучуваат и оние што спроведуваат политики за да создадеме заеднички решенија, истакна во своето воведно обраќање проф. д-р Борче Треновски, претседател на Сојузот на економисти на Македонија.
Треновски потенцираше дека конференциите мора да излезат од рамките на академските сали и да се претворат во простор каде науката и практиката се среќаваат, а доказите се трансформираат во конкретни политики. Тој ја истакна и мисијата на Сојузот – економската логика и фактите да бидат во сржта на јавните политики, затоа што економијата е сила која влијае врз секоја општина, секое претпријатие и секое домаќинство.
Посебна порака упати и до младите економисти, охрабрувајќи ги да бидат активни учесници во дизајнот на политики и применети истражувања, а не само набљудувачи. Нашата цел е да ви отвориме патишта и да ве мотивираме да придонесувате овде – за Македонија и за регионот, порача Треновски.