12.8 C
Skopje
недела, ноември 16, 2025

МЕГА ИНТЕРВЈУ со Бети Стаменкоска Трајкоска, пратеничка и кандидат за градоначалник на Општина Кисела Вода: На крајот од мандатот ќе ме паметите како градоначалничка која секогаш беше доследна на своите ветувања

Во пресрет на првиот круг од локалните избори, анкетите зборуваат гласно за поддршката која граѓаните ја даваат за проектите, луѓето кои се подготвени да работат и да испорачаат резултати. Интересен е фактот дека во скопската општина Кисела Вода, скоро половина од анкетираните граѓани во примерокот ја даваат својата поддршка на актуелната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменкоска Трајкоска. Токму овој податок беше поттик да го направиме ова мега интервју кое ќе ги доближи визиите на, по сè изгледа, идната градоначалничка на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.

1. Госпоѓа Стаменкоска Трајкоска, честитки! Анкетите покажуваат огромно водство за Вас, речиси 4:1 во однос на Вашите противкандидати. Ова е јасен знак за целосна доверба од народот. Како се чувствувате знаејќи дека Кисела Вода веќе одлучи и дека е огромна веројатноста во првиот круг да го добиете мандатот? Со што ќе продолжите таму каде што застана актуелниот градоначалник?

– Од срце им благодарам на граѓаните за огромната поддршка и доверба. Анкетите потврдија дека луѓето препознаваат резултати, посветеност и искрен труд. За мене ова не е момент за еуфорија, туку дополнителен поттик да работам уште повеќе за сите нас. Кисела Вода веќе избра да продолжи по патот на развојот, поплочен со проекти и чесно работење што ги започна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Тој е човек кој со посветеност, енергија и транспарентност донесе видливи промени. Тој е најзаслужен за новиот лик на Кисела Вода споредено со периодот претходно. Му благодарам од срце што постави високи критериуми што ќе ги задржам и надградам, и секако, ќе продолжам по истата патека на успеси и резултати.

2. Како што велите, Вашата цел е континуитет и развој на општината. Што е тоа што Ви дава најголем мотив и енергија да ја преземете оваа предизвикувачка, но чесна функција, особено сега кога Вашата обврска е да ја оправдате огромната доверба предвидена за во првиот круг?

– Мотивот да се кандидирам за градоначалник на Кисела Вода дојде како комбинација од професионалното искуство и личната приврзаност кон општината. Како професор по географија, секогаш сум се трудела на младите да им објаснам колку е важно просторното планирање, уредувањето и одговорното управување со ресурсите. Подоцна како пратеник, добив поширока слика за тоа како функционира државата и кои се предизвиците во локалната самоуправа.

Она што најмногу ме поттикна е фактот што Кисела Вода е мојот дом кој сакам да биде чист, уреден и правилно управуван. Таа е местото каде живее моето семејство, каде сакам моите и сите деца да растат во подобри услови. Тоа лично чувство на одговорност беше клучно да ја донесам оваа одлука. Од денешна гледна точка, мојот најголем мотив биле и остануваат луѓето, а доказ за тоа се граѓаните на Кисела Вода кои сега ми покажуваат дека веруваат во чесна работа, резултати и искрен пристап. Енергијата ја црпам од поддршката на граѓаните, искрените детски насмевки полни со надеж и секој перспективен проект за подобар квалитет на животот во нашата општина.

3. Имате одлична соработка со досегашниот градоначалник и иден градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оглед на тоа што проблемите како комуналната хигиена, сообраќајот и булеварот „Борис Трајковски“ бараат добра соработка на релација Град – Општина, дали можете да им гарантирате на граѓаните дека таа победничка синергија ќе продолжи и дека клучните проекти ќе бидат успешно комплетирани?

– Да, апсолутно можам да им гарантирам на граѓаните дека соработката со Орце Ѓорѓиевски ќе продолжи со истата сила и посветеност, но отсега на друго ниво, меѓу Општина Кисела Вода и Град Скопје. Ние сме тим кој повторно ќе потврди дека знае како се работи со визија, одговорност и резултати. Таа победничка синергија ќе биде клучот за брзо, ефикасно и квалитетно решавање на големите предизвици. Комуналната хигиена, сообраќајните решенија за општинските улици, како и целосната реконструкција на булеварот „Борис Трајковски“ се наши заеднички приоритети. Граѓаните ќе видат реални промени преку конкретни дела. Кога има искрена соработка, доверба и заедничка цел успехот е загарантиран. Кисела Вода и Скопје ќе бидат пример за тоа како изгледа одговорно и современо управување.

4. Граѓаните ја истакнуваат јавната чистота како еден од најголемите проблеми. Вие најавивте системско организирање на јавната чистота како Ваш врвен приоритет. Можете ли да ни откриете кои први чекори ќе ги преземете во првите 100 дена од Вашиот мандат за веднаш да се почувствува промена во комуналната хигиена во Кисела Вода?

– Најважна цел за мене се видливите резултати. Во првите 100 дена ќе се фокусирам да ја подигнеме чистотата на повисоко ниво преку редовно чистење, нова урбана опрема, акции за отстранување на дивите депонии и создавање мрежа на пунктови за рециклажа.

Со проект за пошумување ќе засадиме 1 000 садници годишно, односно 4 000 дрвја за еден мандат! Ќе создадеме нови паркови, зелени зони и училишни мини-шуми. Ова е мојот завет кон генерациите што доаѓаат, да им оставиме здрава животна средина и чист воздух. Јас сум човек кој не прифаќа изговори, прифаќам само работа, резултати и одговорност пред граѓаните.

5. Во програмата ветувате голем број реални проекти за подобрување на квалитетот на живеење. Освен довршувањето на булеварот „Борис Трајковски“, кој инфраструктурен проект, како што е уредување на улици и тротоари или изградба на нови паркинзи, сметате дека е најважен за веднаш да им го олесни секојдневието на жителите?

– Мојата програма е практична и остварлива затоа што е одраз на соработката со граѓаните и произлегува од нивните реални потреби. Сообраќајниот ред е наш приоритет, па затоа ќе работиме на реконструкција на улиците и инфраструктурата преку практични решенија, а ќе обезбедиме и над 500 нови места за паркирање преку монтажни гаражи и уредување на јавните површини со поддршка од Град Скопје. Нема да ги заборавиме лицата со попреченост кои ќе добијат пристапни рампи и нови паркинг простори.

Во програмата предвидувам и уредување на целата општина со нови паркови, уредени патеки и тротоари, а би ги издвоила пешачко-велосипедската патека „Обиколка на Кисела Вода“ и новата пешачка патека долж реката Мала Рада, кои ќе го поттикнат здравиот и активен живот. Носиме практични решенија преку проектот за поставување фотоволтаици за чиста енергија, формирање еко-патроли и инспекциска служба за подобра грижа за животната средина и хуман и одржлив систем за справување со бездомните кучиња во општината.

Дополнително, ќе обезбедиме поддршка за станбените заедници при замена на фасадите, покривите и старите лифтови со нови, енергетски прифатливи и ефикасни решенија. Ќе започнеме со проектот за изградба на нова, функционална општинска зграда која ќе биде достапна и отворена за сите жители, но и ќе биде место од кое ќе работиме на овие проекти за уште поубава, побезбедна и посовремена општина.

6. Најавивте дека Кисела Вода ќе биде општина на достоинство и почит за сите генерации. Кои се најважните проекти, особено во делот на поддршка на пензионерите и создавање нови услови за младите во Кисела Вода, кои ќе ги реализирате за да се постигне оваа цел?

– Јас сум човек кој сака секој граѓанин на Кисела Вода да има среќен живот. Живеам со мојот сопруг, мојата мајка и двајца тинејџери. Го знам пулсот на семејствата, јас сум тука за сите нив, за најмладите, но и највозрасните.

На барање на граѓаните ќе започнеме со процедурата за изградба на модерен пензионерски дом со сместувачки капацитети. Ќе обезбедиме и финансиска поддршка за пензионерите со најниски примања, со цел подобрување на нивниот животен стандард, а ќе ги реконструираме и уредиме постојните пензионерски клубови во општината.

Децата со аутизам на возраст од 1 до 7 години ќе добијат современ центар за рана дијагноза, интервенција и поддршка. Центарот ќе нуди стручна помош, престој за семејства од други региони и сензорно-терапевтски активности, пакет кој ќе ги подобри инклузијата и условите за дечињата и нивните семејства. Планираме и отворање на Младински центар, со достапен „co-working“ простор, простор за спорт и култура, и место каде младите ќе можат да учат, создаваат и активно да придонесуваат за заедницата. Младите се иднината, а иднината е важно да нуди можности за сите.

Ќе работам посветено за младите да ја гледаат перспективата тука, во својата општина, а највозрасните да ја поминат староста безбедно и безгрижно.

7. Вашата симболична шаховска партија која ја одигравте со секретарот на Националниот сојуз на слепи лица на Република Македонија, го стави акцентот на пристапноста и инклузивноста за лицата со оштетен вид. Најавивте дека општината ќе размислува неколку чекори однапред, како во шахот. Кои се конкретните мерки што ќе ги преземете за да ја направите Кисела Вода најпристапна општина во Скопје?

– Шахот е симбол на размислување однапред, на стратегија и визија. Токму така ќе ја водиме Кисела Вода – со паметни потези, хуманост и инклузивност во секоја политика. Играјќи ја симболичната партија шах, апострофиравме многу важно прашање, а тоа е пристапноста по улиците и секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со оштетен вид. Воочивме конкретни недостатоци, но истовремено препознавме и добри практики врз кои можеме да градиме понатамошни подобрувања. Најпрво, треба да ги мапираме сите јавни површини и институции каде што пристапноста е предизвик и да воведеме системски план за нивна адаптација. Шахот нè учи на размислување неколку чекори однапред. Токму така ќе постапуваме и во оваа ситуација, кога е во прашање соодветната пристапност.

8. Граѓаните Ви ја дадоа својата топла поддршка и доверба уште пред изборите. Што би им порачале на сите жители на Кисела Вода, особено на оние кои сè уште размислуваат, за да бидат сигурни дека со заокружување на бројот до Вашето име, тие не само што гласаат, туку ја потврдуваат сигурната победа во првиот круг и го обезбедуваат најдоброто за своето место – Кисела Вода?

– Им благодарам од срце на сите граѓани кои ја покажуваат својата доверба и топла поддршка. Тоа е најголемата сила што ме води, љубовта кон Кисела Вода и вербата во подобро утре. На сите кои сè уште размислуваат би им порачала едно – вие одлучувате во каква општина ќе живееме. Давајќи ми ја својата поддршка, вие давате поддршка за ред, чистота, развој, општина што се развива и е гордост за секој жител. Убедена сум дека на крајот од мандатот ќе ме паметите како градоначалничка која секогаш беше доследна на своите ветувања и која донесе видливи резултати. Во првиот круг можеме заедно да ја потврдиме заедничката, сигурна победа и да го обезбедиме најдоброто за нашата Кисела Вода.

9. Слоганот за кампањата на овие избори е „Вистинскиот избор – Твојот човек, во твоето место, за твојата иднина!“ Како накусо би ја опишале Кисела Вода по четири години под Ваше водство, во една кратка, победничка реченица?

– Кисела Вода го направи #ВистинскиотИзбор – довербата се претвори во дела, а соништата за современа општина станаа реалност.

поврзани објави

Последни објави