Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Центар, во рамки на кампањата за локалните избори на 19 октомври, која е под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина! се осврна на политичките противници и истакна дека народот ќе ги порази на овие избори а на митинзите на СДС дури и нивните пратеници не им доаѓаат, Венко Филипче и Заев се сами.
„Вчера нашите противници беа тука, освен тоа што кажаа дека ќе не направеле салата, на изборите, друго не понудија. Заев нудеше живот и ајро, а Венко среќа и салата. А вистината е дека ниту среќа ќе донесат, ниту салата ќе не направат. И знам дека зад тоа простодушно храбрење на сопствените митинзи, се крие огромен страв од поразот кој го чека, но еве да му соопштам на Венко дека народот салата нив ќе ги направи на овие локални избори. И разбирате дека СДС е партија на проблеми, го оставиле Венко сам да ја трга маката која сам си ја прифати и создаде, и товарот кој сам си го впрегна на грбот. Впрочем, тој, а да не кажам и Заев и неговиот струмички гуру, ја управуваат СДСМ, но е јасно дека Венко покрај помошта на неговиот гуру, ако воопшто може да се нарече некаква помош, од друго нема. На неговите митинзи со лупа не можете да најдете некој пратеник од неговата пратеничка група во Собранието, не можете да најдете ниту некој друг висок функционер, затоа што бродот кој тоне сите го напуштаат, а СДСМ со овие луѓе на чело одамна е во стечај. А таму се затоа што не извлекоа поука од ниту една работа што ѝ ја направија на Македонија. Нереформирани и во целосна безидејност. Никаква промена не направија“ нагласи Мицкоски.