Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во Пробиштип го повика граѓаните масовно да излезат на гласање во недела, 2 ноември, за вториот круг од локалните избори.
– Во недела масовно да излеземе на избори, да го заокружиме бројот 9 за Тони Тоневски и за развој на Пробиштип. Седењето дома е најлошата опција – порача Мицкоски.
Тој потенцираше дека во првиот круг коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 33 градоначалници, а двајца кандидати се откажаа, што го зголемува бројот на градоначалници на 35. Во вториот круг се одлучува во 24 општини, а во шест од нив коалицијата е второпласирана со големи шанси за победа.
– Во 58 општини советничките листи на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ победија и имаат убедливо мнозинство во Советот. Кога на сето тоа ќе се додаде убедливото водство на идниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, очекуваме вкупно 60 општини, нешто што досега ниту една политичка коалиција во независна Македонија не го постигнала – рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека Демократската унија за интеграција (ДУИ) е поразена на овие локални избори, откако повеќе од 20 години беше дел од влади во земјата.














