24.8 C
Skopje
петок, април 17, 2026

Ацевски поднесе оставка од СДСМ Ѓорче Петров и побара од Филипче и раководството да направат исто

Кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров и претседател на општинската организација на СДСМ, Костадин Ацевски, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата поради лошите резултати на локалните избори.

Во видео-обраќање објавено на Фејсбук, Ацевски истакна дека целосно се вложил во кампањата, но дека резултатот не бил задоволителен. Тој смета дека одговорност треба да преземе и целото раководство на партијата.

„Иако се вложив целосно, без калкулации, сепак резултатот е лош. Поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на општинската организација. Верувам дека е исправно и потребно e оставка да поднесат и претседателот Филипче и целото раководство на СДСМ. Не само заради лошите резултати, туку и заради начинот на дејствување на СДСМ во изминатиот период“, порача Ацевски.
Од друга страна, лидерот на партијата Венко Филипче, синоќа на прес-конференција по завршувањето на вториот круг од локалните избори, изјави дека не планира да поднесе оставка од функцијата претседател на СДСМ.

Филипче потврди дека Ана Чупеска поднела оставка од позицијата потпретседателка на партијата и нагласи дека изборните резултати се „јасен патоказ“ за тоа какви политички и кадровски промени треба да се направат во наредниот период.

поврзани објави

Последни објави