24.8 C
Skopje
петок, април 17, 2026

Бугарите го преполнија Делчево – хит дестинација за Нова Година, капацитетите распродадени

Делчево сè појасно се наметнува како омилена викенд-дестинација за нашите соседи од Бугарија. Градот живее во ритамот на полни кафани, мирис на скара, локални специјалитети и живописните сцени од чаршијата, каде што секоја сабота и недела се слуша мешавина од македонски и бугарски акцент.
Овде, гостите од Бугарија си наjдоа „втор дом“. Доаѓаат по свежи производи на пазар, по добро македонско месо и домашна ракија, по нашата традиционална музика, а многумина и поради прекрасната природа што го опкружува делчевскиот крај – од прошетки покрај Брегалница па сè до планинските патеки на Голак.

Интересно е што дел од нив веќе си создадоа и вистински пријателства со локалните жители, имаат своја „омилена маса“ во одредени кафани, па дури и свој стоматолог во градот – затоа што услугата е квалитетна, а цените значително пониски од оние дома.

Бизнисите во Делчево оваа година бележат рекордна посетеност, а за Нова Година градот ќе биде буквално преполн – речиси сите сместувачки капацитети се распродадени. Хотелите, приватните апартмани и куќите за гости веќе немаат слободно место, што зборува за тоа колку Делчево стана атрактивно туристичко катче.

Делчево има што да понуди – од гастрономија и гостопримство, до природа што одзема здив и атмосфера која секогаш е топла, искрена и македонска. И можеби токму затоа, за многу Бугари овој мал град на истокот станува место каде што секој викенд се враќаат – за добра храна, добар шопинг и добра душа.

Оваа година во Делчево се очекува вистински празничен блесок. Покрај исполнетите сместувачки капацитети, градот подготви и богата новогодишна програма во Градскиот парк – со содржини и за најмалите, но и за повозрасните.
Граѓаните и посетителите на новогодишниот базар ќе можат да уживаат во дегустација на локални винарии, греено вино и ракија, како и во вкусни локални специјалитети кои се подготвуваат специјално за празничната атмосфера. Делчево оваа година навистина станува место кое ги спојува традицијата, вкусот и празничниот дух – привлечна дестинација што никој не сака да ја пропушти.

поврзани објави

Последни објави