Времето денеска во земјава е променливо облачно и студено, со појава на сончеви периоди. Дува слаб до умерен ветер од северен правец, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен, со брзина над 60 километри на час.
Во Скопје времето е променливо облачно и студено, со сончеви периоди. Дува слаб до умерен северен ветер, кој претпладне во одделни делови од котлината повремено е засилен.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), минималните утрински температури се движат од минус 15 степени во Крушево до минус 5 степени во Дојран. Максималните дневни температури ќе бидат во интервал од минус 3 степени во Берово до 3 степени во Дојран и Гевгелија.
Од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. На одредени повисоки места во западните и југозападните делови од државата има мали остатоци од кашест снег на коловозот, по интервенција на дежурните екипи на ЈП „Македонијапат“.
Метеопрогнозерот Славчо Попоски информира дека на Попова Шапка се измерени минус 17 степени, додека на Титов Врв температурата се спуштила до минус 25 степени Целзиусови.
Според Попоски, ваквите временски услови се резултат на екстремно ладен воздушен бран кој се спушта од север кон нашиот дел од европскиот континент, што условува екстремно студено, но суво време.









