Титулата Европска престолнина на културата е една од најсилните европски иницијативи за поврзување на културата, демократијата и урбаниот развој, истакна амбасадорот на Европската Унија во земјата, Михалис Рокас, на денешната конференција „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, одржана во рамки на „Скопје – европска престолнина на културата 2028“.
Тој потсети дека оваа иницијатива постои од 1985 година и носи значајни економски и социјални придобивки.
Истражувањата покажуваат дека во градовите со силна културна сцена се намалуваат омразата, популизмот и дезинформациите – нагласи тој додавајќи дека културата гради мостови врз вредностите на мирот, слободата и демократијата, рече Рокас.
Според него, Скопје има уште многу работа пред себе, но изрази поддршка за досегашниот напредок.
Ова е моментот кога треба да ги здружиме силите бидејќи Европската Унија е со вас на ова патување – со своето срце и поддршка – порача амбасадорот на ЕУ.
На денешната меѓународна конференција која се одржа во организација на Град Скопје, културата беше посочена како клучен двигател на урбаниот развој, социјалната кохезија и новиот идентитет на Скопје, а проектот беше оценет како заедничко дело на граѓаните, институциите и меѓународните партнери.

