Градоначалникот на СДСМ од Крива Паланка, Сашко Митовски: Луди се соопштенијата на Венко Филипче
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, остро реагираше на изјавите на Венко Филипче, оценувајќи дека соопштенијата кои доаѓаат од негова страна се „луди“ и неосновани.
Митовски истакна дека е изненаден од наративот, посочувајќи дека никој не го контактирал за да го слушне неговото мислење или ставот на граѓаните на Крива Паланка.
„Навистина сум тотално изненаден од наративот во самите соопштенија, ќе кажам слободно – луди соопштенија. За жал, никој не ме побара да ме праша кое е моето лично мислење, ниту што мислат граѓаните на Крива Паланка. Јас најодговорно тврдам дека моите одлуки ги носам врз основа на потребите и барањата на граѓаните“, изјави Митовски.
Тој додаде дека општината нема надлежност ниту во отворањето, ниту во контролата на евентуален рудник, но сепак чувствува обврска да го пренесе ставот на локалното население.
Од друга страна, Филипче повтори дека загриженоста доаѓа токму од граѓаните, кои, според него, немаат доверба дека ќе бидат запазени еколошките стандарди при евентуално отворање на рудник за антимон.
„Нашата реакција потекнува од реакции на луѓе од Крива Паланка. Како ќе бидеме сигурни дека системот ќе ги почитува сите еколошки стандарди? Граѓаните ја изразуваат таа загриженост“, изјави Филипче, притоа упатувајќи критики кон градоначалникот.
Инаку, најавата за повторно отворање на рудникот за антимон „Крстов Дол“ кај Крива Паланка дојде од премиерот Христијан Мицкоски, а во моментов се вршат анализи за економската исплатливост на проектот.

