Томас Вајц: Интервјуто е старо, оценките се од март – има напредок во реформите
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, изјави дека интервјуто кое предизвика реакции во јавноста е снимено пред повеќе од седум недели и ги одразува состојбите од почетокот на март, а не актуелната ситуација.
Во изјава за Телевизија Канал 5, Вајц нагласи дека не му е јасно зошто интервјуто е објавено дури сега, посочувајќи дека таквиот потег не е професионален и изрази сомнеж дека зад тоа стои одредена агенда.
„Интервјуто е од пред повеќе од седум недели и ја покажува проценката за моментумот на почетокот на март“, истакна Вајц, додавајќи дека бил изненаден од времето на објавување.
Тој оцени дека земјата во меѓувреме бележи напредок во реформскиот процес и дека има дополнителен период до јуни за исполнување на обврските од реформската агенда.
Во интервјуто за Канал 5, кое треба да биде објавено во целост, Вајц зборува и за извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, како и за амандманот што го поднел, со кој се бара јасна дистинкција дали протоколот со Бугарија е дел од преговарачката рамка.
Претходно, во интервју за Еуроњуз Бугарија, Вајц изјави дека во изминатата година земјата не постигнала напредок во реформите. Тој повтори дека внесувањето на Бугарите во Уставот е клучен услов за деблокирање на евроинтегративниот процес, но нагласи дека за почеток на суштинските преговори неопходно е спроведување на реформите од страна на Владата.


