25.2 C
Skopje
вторник, август 4, 2026

Во еден месец македонските аеродроми опслужиле над 460.000 патници

Политиките за привлекување нови авиокомпании и отворање нови авиолинии веќе даваат конкретни резултати, а македонските аеродроми бележат историски рекорди по бројот на патници и реализирани летови. Ова го истакна во вечерашното гостување во “Вести Плус” заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, нагласувајќи дека растот на авио-сообраќајот е силен показател за развојот на туризмот, бизнисот и целокупната економија.

Николоски посочи дека Владата води паметна политика на субвенционирање и привлекување нови авиопревозници, што резултира со рекордни бројки на двата меѓународни аеродроми во државата.

„Почнавме една доста паметна политика на субвенционирање и привлекување нови авиолинии и нови компании кои ќе оперираат од Македонија. Од друга страна, тука е и силната поддршка за туризмот. Денеска излегоа две исклучително важни бројки. Охридскиот аеродром само во еден месец опслужил 52.500 патници, што претставува раст од 41 проценти во однос на истиот период лани. Дополнително, на 20 јули се реализирани повеќе од 20 летови во еден ден, што е апсолутен рекорд за овој аеродром.

Во Скопје, пак, само во јули се опслужени 409.000 патници и реализирани се 2.670 летови. На 20 јули беа реализирани 101 лет во текот на еден ден, што е нов апсолутен рекорд за Скопскиот аеродром. Ако продолжиме со ова темпо, многу брзо ќе достигнеме бројка од четири милиони патници годишно, нешто што до пред неколку години беше незамисливо за Македонија”, посочи Николоски.

Според вицепремиерот ова се реални бројки на луѓе кои доаѓаат во земјата, престојуваат, трошат средства за туризам и бизнис, а ефектите од тоа директно се чувствуваат преку раздвижувањето на целокупната економија.

поврзани објави

Последни објави