Никој не ги спомна со име, ама сами си се препознаа како „талогот“, објави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
„Истите што немаат ниту еден ден работен стаж надвор од „успешните“ политички кариери. Истите што со децении ги влечат државата и општеството во кал, затоа што во кал единствено и знаат да пливаат. Таму се снаоѓаат како риба во вода. Кај најголемиот дел од нив тоа веќе не е избор, туку е наследство. Дедото се клањал на едни, таткото на други, а внукот ја мери јачината и правецот на ветерот и однапред си се наведнува. Вчера клечеле пред Софија, утре пред Белград, задутре пред Москва… адресата се менува, ама држењето (виткањето) не“, објави Ковачки на Фејсбук.

Што би рекол народот: Трета генерација исправен ‘рбет не памети, додаде тој.
„Тоа што измеќарството го издигнаа на ниво политичка доктрина и го нудат како единствен разумен пат, не е ништо друго туку обид да си ја кренат цената, притоа не сфаќајќи дека не само што така си ја спуштаат сопствената цена, истовремено кревајќи ја летвичката за сопствената татковина повисоко. Македонија нема време за губење со таквите структури. Одиме напред“, објави Ковачки.




