17.8 C
Skopje
четврток, септември 3, 2026

ОД ОКТОМВРИ ЛИЧНАТА КАРТА И ВОЗАЧКАТА НА ТЕЛЕФОН: Пристигнува новата апликација м.Услуги

Од октомври граѓаните би можеле да добијат нова можност за полесно користење на личните документи преку мобилен телефон. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека тогаш официјално ќе биде промовирана мобилната апликација м.Услуги, преку која личната карта и возачката дозвола ќе бидат достапни во дигитална форма.

„Можам официјално да најавам дека во октомври ќе организираме настан на кој ќе ја промовираме мобилната апликација м.Услуги. Во неа ќе бидат достапни електронски верзии на личната карта и возачката дозвола, како и две електронски услуги за граѓаните“, истакна Андоновски.

Преку м.Услуги, граѓаните на едно место ќе можат да пристапуваат до личните документи во дигитална форма како и до електронските услуги на администрацијата. Целта е државните услуги да станат подостапни и поедноставни за користење, директно преку мобилен телефон.

Министерот посочи дека во изминатиот период интензивно се работело на прашањата поврзани со сајбер-безбедноста, заштитата и начинот на чување на личните податоци, како и нивната размена со Министерството за внатрешни работи, кое е сопственик на податоците.

„Во завршна фаза сме на усогласување и потпишување на протоколот за размена на податоците, како и на тестирањето на апликацијата. Сакаме, пред таа да биде достапна за сите, да бидеме сигурни дека системот е стабилен, безбеден и едноставен за користење. Апликацијата ќе биде достапна на App Store и Google Play, а нејзината тест-верзија досега ја презедоа околу 6.000 граѓани“, рече Андоновски.

Следниот чекор во дигиталната трансформација е мобилниот телефон постепено да стане дигитален паричник преку кој граѓаните безбедно и едноставно ќе пристапуваат до своите документи и до услугите на државата.

поврзани објави

Последни објави