До крајот на 2026 година се очекува да биде донесен Законот за е-фактура, да заврши имплементацијата на софтверот и потребната хардверска инфраструктура, како и да започне доброволното користење на новиот систем.
Ова го најави Петрова на панел-дискусијата во рамки на „Охрид 2026“, насловена „Даночни приходи, даночен јаз и борба против неформалната економија: посилни јавни финансии и подобра усогласеност со ЕУ“.

Според Петрова, една од најзначајните промени што ќе ги донесе е-фактурата е целосно новиот начин на кој Управата за јавни приходи ќе ги добива и обработува податоците.
Наместо агрегирани информации од даночните пријави, УЈП преку системот за е-фактура ќе располага со структурирани податоци за секоја поединечна трансакција и фактура – за продавачот, купувачот, артиклите и останатите даночни показатели важни за оданочувањето.
Клучна промена ќе биде и брзината со која даночната администрација ќе располага со информациите. Додека во моментов податоците преку даночните пријави се добиваат по завршувањето на месецот, тримесечјето или соодветниот даночен период, со е-фактурата тие ќе бидат достапни во реално време, веднаш со издавањето на фактурата.
Ова, според Петрова, ќе овозможи и значително поефикасен систем на даночна контрола. Дел од контролите ќе можат да бидат автоматизирани и вградени во самите процеси, со што ќе се намали можноста за намерни или ненамерни грешки, како и за доставување неточни податоци.
Со вкрстување на информациите од е-фактурите со податоците што УЈП веќе ги добива од банките, Царинската управа, фискалните уреди и други извори, ќе се создадат подобри услови за анализа на ризиците, откривање невообичаени шеми и поврзаности меѓу компании, како и препознавање сомнителни трансакции.
Петрова нагласи дека дигитализацијата нема веднаш да ги елиминира сите обиди за даночно затајување, но значително ќе го стесни просторот за прикривање трансакции и ќе овозможи нивно побрзо и поефикасно откривање.
Крајната цел е УЈП постепено да се трансформира во современа даночна администрација, чие работење и носење одлуки ќе се темелат на управување со податоци, анализа на ризици и навремено откривање на неправилностите.




