Македонско – Бугарско пријателство на својата веб страна информира дека на 22 април (сабота) 13:00 часот, во салата на Советот на Општина Штип ќе се одржи промоција на книгата „Спомени“ на познатиот македонски револуционер Васил Хаџи Кимов.
Васил Хаџи Кимов е роден на 30 октомври 1903 година во Ново Село, Штипско. Потекнува од фамилија со богата револуционерна историја. Како ученик станува член на Комунистичката партија на Југославија, а на почетокот од 20-тите години на минатиот век, ги напушта редовите на комунистите и станува член на ММТРО (Македонската Младинска Тајна Револуционерна Организација). Хаџи Кимов бил активен член на ВМРО (обединета), заедно со Антон Југов и Ст. Караџов бил одговорен за Бугарија, по резолуцијата на Коминтерна за етничкиот карактер на населението во Македонија од 1934 ја напушта организацијата. За време на Втората светска војна бил организационен секретар на Бугарскиот Централен Акционен Комитет, за што по војната бил осуден на повеќегодишна затворска казна. По издржувањето на казната работел во библиотеката “Св. Климент Охридски” во Скопје. Долго време живеел и работел во Бугарија. Се вратил во родниот Штип во 1991 година, каде и починал една година подоцна. Денес, спомените на Васил Хаџи Кимов се чуваат во Централниот Државен Архив во Софија. Според архивистот м-р Кире Филов, книгата е пишувана точно онака како што стои во самите документи, без притоа да се менува нешто во нив. Дел од објаснувањата во фусноти се од редакторот, но тие не се однесуваат на некакво стручно објаснување, туку тоа се објаснувања од техничка природа.
Филов додава дека целта на издавањето на овие спомени е да се обедини стручната и научната јавност од двете земји, Македонија и Бугарија, да се донесат заеднички заклучоци кои ќе придонесат за решавање на нерешените дилеми и прашања и конечно да се решат споровите кои стојат на патот на нашиот заеднички напредок во еден европски Балкан.