„САД немаат докази за тврдењата дека Русија ги вооружува Талибанците во Афганистан“, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, цитиран од светските медиуми.
Вчера, командантот на американските и меѓународните вооружени трупи во Афганистан, генералот Џон Николсон, изјави дека Русија врши доставки на оружје за Талибанците. Генералот не соопшти конкретни податоци за учеството на Русија во конфликтот во Афганистан, но рече дека не се сомнева во руската поддршка за ова радикално исламистко движење, која според него се изразува и со достава на оружје.
Според Лавров овие изјави од страна на американскиот воен командант имаат за цел, да го свртат вниманието на јавноста од планот на САД да го срушат режимот на Башар Асад во Сирија, нешто на кое се спротиставува токму официјална Москва.