Откако во понеделникот (24 април), албанскиот претседател Бујар Нишани му додели албанско државјанство на лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, е можно Тирана да побара од француските власти неговата екстрадиција.
Според професорот по меѓународно право Исмет Салиу, врз основа на фактот дека Харадинај е веќе албански државјанин, Тирана може да ја побара негова екстрадиција.
„Во случај кога две држави трагаат по едно лице за едно и исто дело, тогаш предност има државата чиј државјанин е тоа лице“, посочува Салиу. На овој начин, според него, Белград нема никакви шанси Харадинај да биде екстрадиран во Србија. Рамуш Харадинај во моментов се наоѓа во Франција и нема право да ја напушти земјата. Судот во Колмар треба утре да одлучи дали тој ќе биде екстрадиран или ослободен. Поранешниот косовски премиер беше уапсен на 4 јануари врз основа на меѓународната потерница издадена од српските власти, поради обвинувањата дека за време на војната во Косово извршил воени злосторства.