11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Чичко Кумплунг: Сенката на транзициското општество

Пишува: Никола Џилвиџиев

Просечниот човек минува низ животот оптоварен со обврски и правила. Како што вели Бора Чорба, правила да би не удавила. Целата песна „Правила“ фактички претставува список изречени правила, извадени од својот контекст со цел да се постигне хумор во самата песна. Меѓутоа, ќе бидат вратени во својот оригинален контекст, сфаќаме дека правилата не се само произволно измислени, туку дека постојат ради добри причини, претежно со цел овозможување егзистенција со минимум можни конфликти и страдање.

Но, колку и да е добронамерно и здраворазумско правилото, тоа сепак го ограничува човекот. Така, да речеме, сообраќајните правила го ограничуваат дијапазонот можни дејствија кои индивидуалниот учесник во сообраќајот може да ги превземе, со што во извесен број случаеви, тој е присилен да се движи побавно, или по подолг пат. Во агрегат, сообраќајните правила овозможуваат секому да стигне до својата дестинација најбрзо што може без притоа да ги повреди другите учесници, или пак беспотребно да ги забави. Но, на индивидуално ниво, тоа значи дека понекогаш мора да се застане, да се намали брзината, што претставува ограничување на слободата.

Слична ситуација гледаме и кај обврските. Доброволно прифатените обврски водат до подобрување на животот доколку истите бидат успешно извршени, меѓутоа прифаќањето и вршењето на обврските бара вложување труд и време, кои пак мора да се двојат од времето и енергијата што човекот, кога не би ја бркал наградата што произлегува од завршувањето на обврската, би ги посветил на разонода или забава. Така, на пример, вработувањето со себе носи обврски кои мораат да бидат комплетирани со цел да се прибават пари во форма на плата, но значи откажување од извесен временски период (работно време) и вложување труд.

Просечниот човек ги разбира целта и корисноста на правилата и обврските, но сепак разбира и дека истите го ограничуваат. Свесни за тоа дека правилата треба да се почитуваат и дека обврските мора да се извршуваат, луѓето сепак се свесни и за нивната природа како спреги кои им ја ограничуваат слободата. Колку и да е човекот вреден и чесен, сепак барем потсвесно чезнее за слободата која ја добива од прекршувањето на правилата и дереликцијата (напуштањето) на обврските.

Оној сегмент од човечката психа кој чезнее за свет без правила и обврски, швајцарскиот психолог Карл Густав Јунг го нарекува сенката.

Сенката е оној сегмент од потсвесната психа која е одраз на се она што човекот не треба да биде согласно сопствената концепција за тоа што е. За вредниот човек, сенката е мрза, за чесниот – криминалец, за верниот – прељубник. Секогаш кога ќе се донесе вредносна одлука, таа влегува во персоната, и станува интегрирана во неа, додека нејзината спротивност влегува во сенката и станува дел од неа. Доколку сенката е потисната и игнорирана, знае да стане толку снажна што ја узурпира персоната, претворајќи во човекот во самата себе.

Како што постои и индивидуална сенка, така постои и архетипална, односно колективна сенка. Колективната сенка е одраз на колективната персона, т. е. спротивното од се она што општеството се претставува дека е. Така, на пример, архетипалната сенка на христијанската цивилизација е Сатаната, т. е. се она што добриот христијанин не треба да биде, и тој стои како одраз на Исус, кој е архетипална персона на христијанинот, т. е. се она што добриот христијанин треба да биде. Меѓутоа, како што учи Библијата, во секој од нас постои изворен грев, што може да се разбере дека во секој човек постои потенцијал за зло, да стане сатаната, поради што е потребна дисциплина и самоспознание.

И сега доаѓаме до Чичко Кумплунг. Мојата теза е дека Чичко Кумплунг добро кореспондира со она што би било архетипалната сенка на човекот во транзиција.  Да го земеме првин човекот во транзицијата, да видиме од што се состои тој. Тој живее во стан или куќа од времето на комунизмот, неадекватен, мал, неодржан, слабо изграден, со слаба водоводна, канализациска, електрична и парно инсталација. Своето работно место го има изгубено, па е невработен или стечаец, што го присилува да работи под нивото на своите способности (или пак под нивото на своите замислени способности), а веројатно е и човек во средно доба, женет со жена во средно доба која е далеку од цутот на својата убавина, татко на деца кои мислат дека све знаат, а фактички се толку неискусни што е скоро комично да се гледаат како се залетуваат во животот. Овие деца може и да не го почитуваат, а реално гледано, кој би почитувал невработен, средовечен човек со просечна (ако не и грда) жена кој живее во мизерен стан во кој се пресекуваат балканскиот кич и соц-реализмот? Така неговите деца талкаат без корен низ светот, а тој е немоќен да им помогне, или пак барем да ја добие нивната наклоност токму кога е на раб на губењето на својата младост и снага, токму тогаш кога децата му се најпотребни. И покрај тоа, тој човек се труди, и заработува, колку што може, штеди колку што може, со цел да преживее и тие неблагодарни деца да ги образува и изведе на прав пат, останува верен на својата се помалку и помалку привлечна сопруга, се со цел одржување на нејзината, и својата емоционална стабилност, останува чесен без оглед на тоа колку примамливо му изгледа криминалното однесување. И сите тие се правилни одлуки, но останува фактот дека почитувањето на правилата и превземањето на одговорностите го ограничува, а има дел од него, неговата сенка, кој би сакал да не е ограничен, кој чезнее за слободата што ја нуди животот без правила и обврски.

Чичко Кумплунг е токму тој што живее без правила и без обврски. Тој работи како таксист, но се кара со своите муштерии и ги пцуе. Тој е женет, но ја изневерува жената со кафанска певаљка, чија највисока амбиција во животот е да има стан и пудлица по име Пуси. Неговиот син не му дава ни грам поштување, но тоа му е помалку битно на Кумплунг, бидејќи тој од своја страна е целосно незаинтерсиран за својот син, па дури и му ја силува девојката. Тешкотиите на брачниот живот, Кумплунг не ги решава по децидно потешкиот пат, со разговор и компромис, туку со насилство и терор. Неговата сопруга е роб кој трепери под неговите тупаници. Притисокот на транзициониот живот го има соголено до темелот на биолошкото битие: мев, кур и тупаница.

Гледајќи го Чичко Кумплунг, уживаме во релативната леснотија на неговиот живот. Кога муштериите во таксито го нервираат, тој ги пцуе. Кога жената исплашено замавнува по него, тој ја крши од ќотек. Кога има недоразбирања со синот, тој го пцуе и го игнорира. Наместо својата средовечна жена, тој спие со певаљката (Шила) и ветува поклони кои ни во најлуд сон не може да и ги поклони. Дури и кога шурата Цацко (Славчо) го уценува и подмитува со цел да го наклевети бившиот директор, Кумплунг останува свој и дрско му враќа на овој корумпиран полицаец, што разбирливо води кон чуства на почит кај една публика која толку години има пропатено под тешките чизми на полициските и државни деспоти.

Кога ќе биде оставен од Шила, која се зема со Цацко, што претставува дури и комично видлив брак од интерес од нејзина страна, а брак од куродрвица од страна на Цацко, Кумплунг ја намамува и силува девојката на својот син, Вилма, и токму тука престанува (или би требало да престане) симпатијата за Кумплунг, но сепак има нешто што не влече и понатаму кон тој човек, човек кој кога е насамарен, веднаш се преориентира и повторно зема нешто што сака, притоа воопшто не грижејќи се за општествените правила и обврските кои ги има. Вилма останува трудна, и почнува да живее во гарсоњерата која Кумплунг ја добива од Цацко во замена за кодошењето на поранешниот директор.

Меѓутоа, крајот на Кумплунг се ближи. Тој се обидува да ја силува сопствената сопруга, меѓутоа е фатен од синот Цоле кој го претепува со пиштолот кој го има одземено од крадецот Црни. Улогата на Црни не е веднаш јасна, но мое мислење е дека тој ја претставува малеволенцијата, односно злото. Тој на почетокот на филмот успева да го ограби Кумплунг така што ќего  удри по глава, и да му ја раскрвари, откако првин со манипулација и лага ќе го наведе Кумплунг да го спушти гардот. При крајот на филмот истиот тој Црни се обидува да го опљачка и Цоле, меѓутоа не само што Цоле не потпаѓа под неговите манипулации, туку успева и да го натепа и да му го одземе пиштолот (кој се испоставува дека е плашливец). Ова е предвесник за крајот на Кумплунг, објаснувајќи ни ја клучната разлика меѓу таткото и синот. Кумплунг е фактички слеп за злото (Црни), т. е. не може да го увиди и не може да се одбрани од него, а симболички не може да го види ни сопственото зло, што го претвора во монструмот кој ја силува Вилма, девојката на својот син. Цоле, од друга старана, не паѓа на лагите на Црни, препознавајќи го како манифестација на злото (или во христијанска смисла, манифестација на сатаната, чиј главен метод за ширење зло е токму лагата), со што ја демонстрира својата способност да го препознае и со тоа да се одбрани од злото, како надворешното, така и внатрешното. Дополнително, Цоле му го одзема и присвојува пиштолот на Црни, со што ни демонстрира дека во себе содржи потенцијал за раст, што ќе рече способност од тешкотиите да прибави нешто што ќе го направи посилен, додека Кумплунг соочен со тешкотии тоне се подлабоко и подлабоко во хедонизам и сладострастие, станувајќи се послеп и послеп за реалноста околу себе, буквално под бруталната диктатура на сопствените ниски страст. Двете епизоди со Црни, првата каде Кумплунг е опљачкан, а втората, каде Цоле успешно се брани од Црни (и му го одзема алатот за чинење зло, додавајќи го на својата сила) претставуваат предвесник за претпоследната сцена, каде Кумплунг, слеп и несвесен, потонат во сладострастие ја силува својата сопруга, а Цоле, свесен и моќен по борбата со Црни, ја спасува својата мајка од монструмот наречен Кумплунг. Кумплунг останува целосно парализиран откако Цоле со пиштолот ќе го удри по глава, што се поврзува со првата епизода со Црни, каде со истиот тој пиштол на Кумплунг му е раскрварена главата.

Дополнително, ноншалантноста на Цацко, како претставник на законот кон инцидентот каде Цоле е нападнат од Црни, ја симболизира корупцијата на државата која е слепа и глува за потребите на човекот кој сака да биде безбеден, фрлајќи во состојба каде е присилен да ги земе работите во свои раце. Ова е видливо уште и порано во филмот каде иако Цацко, брат на Стојна – сопругата на Кумплунг е свесен за неговите неверства и насилство против неа не превзема ништо , решавајќи да го употреби Кумплунг за свое лично збогатување, како и да се земе со Шила, одземајќи и ја на Кумплунг. Сликата што ни е претставена со овој лик – симбол за државата и законот е мрачна и безнадежна, нудејќи ни само страдање, пљачка и корупција. И самиот Кумплунг ќе рече: „Кој видел аир од џандари?“, на што Цацко одговара „Сите добри луѓе и благонадежни писатели.“, со што демонстрира дека постои извесна класа на луѓе за кои државата е мајка, наспроти енормното мнозинство кое е маќеа, илустрирајќи ни го можеби најстариот општествен конфликт на планетата – меѓу привилегираните и обесправените, кој беснее до ден денес.

Кумплунг фактички претставува комплетна слика за сенката на транзицискиот човек, вклучувајќи ги и на крајот во себе последиците од супресијата на сенката, и дозволувањето сенката да загосподари со човекот. Претворен во примален, сладострастен монструм, соголен до биолошкиот темел на битието, Кумплунг е казнет со тоа што е ставен во вегетативна состојба, односно буквално сведен на целосно биолошко битие, кое сега во себе нема ни грам свест. Цоле, од своја страна, е ставен во позицијата на Кумплунг, каде сега тој е таксистот кој крпи крај со крај додека неговата мајка и сега сопруга Вилма се грижат како за детето зачнато од силувањето на Вилма, така и за сега вегетативниот Кумплунг. Сцената каде Цоле на шанкерот му објаснува како го излажал својот патник – странец, дека Македонија е како рај, ни укажува на тоа дека во иднина, можеби и на Цоле му претстои онаква мрачна иднина како и на неговиот татко, со оглед на тоа што тој сега се служи со измама не само за да ја прикрие вистината за Македонија, туку и вистината за татковството на детето на Вилма и состојбата на Кумплунг. Симболички, Цоле во оваа сцена носи црно, и има нагласена промена во синтаксата, користејќи поограничен речник, навестувајќи дека тој во себе го содржи како потенцијал не само Кумплунг како сладострастно битие, туку и Црни како малеволенција и Славчо како корупција. Оставена е, меѓутоа, надеж, дека наредната генерација ќе ги отфрли гревовите на своите родители.

Филмот претставува и психолошка, и социолошка и морална слика за реалноста на транзицијата, и начинот на кој што таа знае од човекот да го извади токму најлошото. На моменти, и на краток рок, тоа најлошо знае да биде забавно. Постои драж на битангата, а неретко се антисоцијалните луѓе и шармантни, но како што не учи крајот на филмот, пропаѓањето кон злото и слепоста за злото, иако на момент не ослободуваат од стегите на општеството, со неговите правила и обврски, водат само кон пропаст и соголување до биолошките фундаменти, најпрвин преносно, преку хедонизмот и сладострастието, а подоцна и буквално, симболички претставено со вегетативната состојба на Кумплунг на крајот на филмот.

поврзани објави

Последни објави