2.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

ЗМЕЈКОВСКИ ДО ГРУЕВСКИ: ПОДНЕСИ СИ ОСТАВКА, НЕ СЕ КРИЈ ПОЗАДИ ЧЕТИРИТЕ СВЕТИ БУКВИ – ВМРО

Еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Форум на слободумни патриоти, Владимир Змејковски упати отворено писмо до Никола Груевски, во кое го обвинува за нечесни игри и го повикува да си поднесе оставка од фунцкијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да ја остави партијата на чесните партиски членови и симпатизери.

ЕВЕ ШТО НАПИША ЗМЕЈКОВСКИ

Во овие мигови кога Република Македонија се соочува со невидена тешка политичка и секаква друга криза, не можам, а да не реагирам на севкупните состојби кои се директна последица токму на тебе и на твојата крајно лицемерна и дволична политика која ја водеше изминатава скоро деценија и пол.

Овој начин на обраќање кон тебе, самопрогласен водачу, го избрав, затоа што друг избор немав, со оглед на затвореноста во Партијата и неможноста секој да си го искаже своето мислење, кое впрочем беше и најголемата причина да се формира и Форумот на слободоумни патриоти, чиј Претседател сум јас, со цел да влијаеме врз погрешно водените нејасни и конфузни политики од твоја страна.

Повод за моево обраќање кон тебе се неодамнешните настани пред и во Собранието кога под твоја команда ги внесе луѓето од иницијативата „За заедничка Македонија“, за после немилите настани ти, со твоите веќе до лакти извалкани во крв раце, со таква лежерност да ги наречеш насилници, на тој начин кукавички бегајќи од огромната одговорност пред сопствениот народ. Наместо да застанеш на чело на народ на кој се повикуваше и сеуште се повикуваш, ти со твоите подмолни манипулации, со кои патем се служеше сиве изминати години, придонесе да се турне народот во тотален колапс, обвинувајќи го за самоволие и анархија, она, кое впрочем најмногу му одговара на лидерот на опозицијата и нивните членови и симпатизери.

Самопраласен водачу, сакам да ти кажам дека лидерите низ историјата со кои сакаш да се поистоветува биле на чело на своите војски. За разлика од нив ти кукавички избега во Виена, а требаше да бидеш присутен во Парламентот. Никола, сакам само да те потсетам дека ваквите кукавички потези се својствени за тебе, секогаш кога си наредувал да се прави зло на својот народ си бегал од државата, а потоа си се правел неинфомиран и недоветен.

Освен штурите информации и апели од твоите гласноговорници, не видовме никаква друга жестока реакција од партискиот врв. Напротив, народот кој го лажеше дека „Собранието е негово“, сега на најпонижувачки начин остана повторно на улица. Народот на улица, а народните избраници од твојата и мојата партија ништо не направија за да им докажат на граѓаните дека Талат Џафери по никоја цена нема да биде Претседател на Собранието. Наместо тоа, за да не разберат душманите дека водиш дволична политика им нареди на твоите пратеници да молчат и за „упадот на насилниците“, и за пеењето на албанската химна, и за немото следење при т.н броење на гласовите за новоизбраниот спикер, кој е на тоа место токму по твоја заслуга, како „твој” Mинистер за одбрана.

Не можам, а да не реагирам на се она што е причина за овој моментален политички хаос. Најпрвин, на мала врата ги внесе терористите во власта, без да го прашаш сопственото членство, изгласавте дузина закони кои се спротивни на интересите на твојот народ и се надвор од секаква Уставна поткрепа. Ја изгласавте срамната и понижувачка амнестија за терористичката ОНА, амнестираше злосторства против Македонци од 2001 година. Со тој твој потег уште еднаш им излезе во пресрет на терористите, додека пак бранителите и жртвите од Татковинската војна ги исплука и од нив направи социјални случаи, добри беа само тебе кога ќе ти затребаа, за уште еднаш да ги лажеш и манипулираш во твојата болна желба да оснатеш на власт.

Со „твојот“ Претседател и Врховен командант на оружените сили, го урнисавте целокупниот Македонски одбрамбен систем. Службите место да работат во интерес на државата и нејзините граѓани, ги присвоивте и ги криминализиравте до крајни граници. Затоа ни се случија Смилковско езеро, Куманово, Кале и многу други настани, за што ти и твоите слепи послушници ни со прст не мрднавте, се со цел да ти успее „бракот“ со ДУИ и Али Ахмети, кому, патем се уште му испраќаш ишарети.

Да не ги спомнувам и Пржино 1 и Пржино2 кои, токму по твоја заслуга се директна причина за актуелните случувања кои не најавуваат скорешна завршница. Наместо да ги решаваш проблемите институционално, ти се грижеше само за твоите бизниси и твојот комодитет, купувајќи плацеви на водно, автомобили од неколку стотици илјади евра, скап мебел и скапа облека за себе итн.

Одамна помина часот кога требаше да си поднесеш оставка и да ја оставиш ВМРО ДПМНЕ на чесните македонски дејци кои во зародишот на македонскиот плурализам го посветија сиот свој потенцијал за ти, сето тоа да го погазиш.

Јас како еден од основачите на ВМРО ДПМНЕ нема да дозволам и понатаму кукавички да се криеш позади четирите свети букви, да се криеш позади илјадниците чесни партиски членови и симпаризери. Владимир Змејковски ВМРО не успеал да го уништи никој, нема ни ти Никола и твоите нечесни игри.

Те повикувам веднаш да си поднесеш оставка и заедно со корумпираното раководство кое го предводиш да заминете во политичка историја. Те повикувам да ја оставиш Партијата и нејзиното членство да дејствуваат во правецот на враќање на нејзиното достоинство. Ако треба секој ден ќе те повикувам Никола, се додека не си поднесеш оставка, јас и моите пријатели нема да се откажеме, не се откажавме ни 1991 г., ни 1994 г., ни 1998 г., ни 2002 г., нема ни сега, ние и понатаму ќе продолжиме да се бориме за честа на четирите свети букви.

Со почит,
Владимир Змејковски
Основач на ВМРО ДПМНЕ и Претседател на Форум на слободоумни патриоти

поврзани објави

Последни објави