К. Ѓ (39) од Скопје и неговиот татко Ц. Ѓ (68) рано утрово се уапсени под сомнение за напад врз пратеникот Зијадин Села, објави Коха.
Денеска пак, МВР информираше дека ќе биде поднесена против И.К. (37), од Скопје, кој се товари за напад врз претседателот на СДСМ и пратеник во Собранието на РМ, Зоран Заев.
„Лицето И.К. било повикано на информативен разговор во кој истиот ги појаснил преземените дејствија. Имено, откако И.К. влегол во салата каде се одржувала прес конференција, со употреба на физичка сила го нападнал пратеникот З.З., а воедно фрлил стол кон вработени од обезбедувањето. По извршениот разговор, во 16.15 часот на 09.05.2017 година, лицето е ослободено и против истиот ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство“ по член 384 од Кривичниоит законик на Република Македонија, соопштуваат од МВР.
Во домот на К.Ѓ. околу шест часот утрово бил извршен претрес при што се пронајдени и подигнати патики со траги слични на крв, облека и три мобилни телефони, кои му се одземени. Утврдено е дека во собраниската сала 3, каде што се одржуваше прес-конференцијата, Ц.Ѓ. најпрво фрлил стол, а К.Ѓ. фрлал разни предмети кон присутните пратеници, по што двајцата заедно физички го нападнале и го влечеле Зијадин Села.
СВР Скопје информира дека во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство, презема мерки и активности за потврдување и документирање на дејствата.
„Исто така, СВР Скопје, во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје, и натаму презема мерки и активности во врска со настаните од 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија и обезбедување на преостанатите кривично пријавени лица, идентификација и документирање и на други лица учесници во настаните, а се работи и на повикување лица на службени разговори кои досега се идентификувани како лица кои биле присутни или учесници во настаните во Собранието на Република Македонија на критичниот ден“, стои во соопштението на МВР.
ВИДЕО+ФОТО: Алсат-М