Во коментар на најавата од СДСМ за изградба на 500 километри автопатска мрежа, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски потенцира дека нивнот лидер Зоран Заев е добро познат по ветувања коишто не ги остварува. И тоа ветување што е кажано за 500 километри автопат ќе биде уште една голема лага од типот на она ветување кое што своевремено го кажаа дека ќе има по еден вработен во секое семејство.
500 километри автопат во Македонија е како да се изгради нов комплетно автопат од Кавадарци преку Велес-Скопје до Белград. Тоа е ветувањето на Заев колку да имаат претстава граѓаните и ако тој изгради десет проценти од тоа треба да бидеме среќни и задоволни, но мислам дека ова ќе биде уште една огромна лага како онаа за вработување по еден член во секое семејство, изјави Груевски.
Груевски смета дека СДСМ со најавата дека ќе ја укине радиодифузната такса сака да го партизира јавниот сервис Македонска радио телевизија и да воспостави целосна контрола врз него ставајќи го потполно кон целосно финансирање преку буџетот. Укинувањето на радиодифузната такса, смета Груевски, нема да ги реши економските проблеми на граѓаните.