По повод празникот Божиќ – денот на Христовото раѓање, честитка до православните верници на социјалната мрежа „Фејсбук“ упати Отец Пимен, кој само ден пред Бадник, со својот статус предизвика лавина од коментари и реакции на социјалните мрежи.
Честитката која Отец Пимен ја напиша на својот фејсбук профил ја пренесуваме во целост:
Христос се роди!
Христос се роди и за оние кои палеа огнови, но и за оние кои не палеа. И за оние што возат џипови, и за оние кои одат пешки. И за оние кои традицијата ја издигаат над верата, но и за оние кои опоменуваат дека во верата нема компромис. И за оние кои ги напуштиле своите огништа, но и за оние кои останале во нив и по цена на животни закани.
Христос се роди и стана човек за човекот да се обожи.
Христос се роди за да го измири Небото со земјата.
Христос се роди и за да се измири син со татка и со брат со брат.
Христос се роди за да го препознаеме Него во секое новороденче.
Христос се роди за да ни каже дека не мора на сила да го сакаме.
Христос се роди за да ни покаже дека ако го сакаме на сила тоа не е вера.
Христос се роди за сите и за сè.