Добро е што со здружени напори на граѓаните коишто секојдневно 80 дена протестираа, напори на ВМРО-ДПМНЕ и на нашата пратеничка група, напори на претседателот на државата успеавме да дојдеме до ситуација кога Зоран Заев беше принуден да потпише еден таков документ каков што никој досега којшто барал мандат од претседателот ниту имало потреба, ниту се помислувало да го потпише, имајќи ги предвид неговите ставови, ветувања, се покажа како неопходно. Така што со потпишувањето се гарантира дека нема во иднина да се наруши унитарноста на државата, и тоа е одлично затоа што тоа и беше главната цел да се спречи разградување на унитарноста на РМ, нешто што гледавме од изјавите на самиот Заев и во Сараево и во други негови изјави како и од изјавите на ДУИ и нивните претставници и од претставниците на други партии од албанскиот блок дека беше тргнато во тој правец.
Ова денес го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски коментирајќи го доделувањето на мандатот на лидерот на СДСМ од страна на претседателот на државата, како и гаранциите кои Заев ги даде за унитарниот карактер на државата.
Тој напомена и дека македонската јавност добро го познава Зоран Заев, дека не може да му се верува на зборот. Како што кажа Груевски, ВМРО-ДПМНЕ ќе остане со отворени очи и доколку Заев мрдне од патот за кој има потпишано гранации, тие ќе реагираат жестоко.
Второ што е значајно да се каже е дека сепак, Зоран Заев македонската јавност добро го познава и сите ние знаеме дека претпладне знае да каже едно, попладне друго. На едно место да вети едно, на друго место друго. Треба да останеме со отворени очи и доколку измрда, тргне кон друг пат, различен од оној за кој вчера даде гаранции и ветувања, ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира жестоко во склад на демократските можности и ќе се спротистави, а верувам дека тоа и сите други ќе го направат тоа. Така што, заклучокот е дека е одлично што дојде во ситуација да мора да го потпише ова и да го прочита пред сите граѓани, а исто така важно е да продлжиме да ја следиме ситуација за да не дојде до застранување повторно од овој правец, изјави Груевски.
Инаку, што се однесува до ова, мислам дека се што се случуваше, можеше и да не се случи во изминатиов период. Иако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, доколку Зоран Заев преку разни комбинаторики и разни ветувања за остварување на Тиранската платформа, не ја доведеше земјата и народот во ваква ситуација, немаше многу работи да се случат, немаше да има потреба од 80 дневни протести, немаше да има потреба од незаконско, противделовничко, противуставно бирање на претседател во Собранието на Македонија. Немаше да има потреба и немаше да се случат, немаше да бидат предизвикани инцидентите што се случија во Собранието, ќе се избегнеа многу други непријатности доколку тој не прибегнеше кон еден ваков начин, или пак доколку ја прифатеше понудата на ВМРО-ДПМНЕ, со која што му се даваше можност да ја формира владата, а притоа да се откаже од спроведување на Тиранската платформа. ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе остане будни, ние имаме план, ние знаеме што правиме, имаме подготвени чекори и во правец на зачувување на унитарноста и во следење на овој проект и генерално понатаму. Така што ќе продолжиме со енергични чекори, ќе продолжиме со динамика на нашите планови, кои што чекор по чекор натака ќе ги објавуваме, рече Груевски.