4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Д. Петкоски: Време е Македонија да започне да размислува европски и да гради пријателства со сите соседи

Интервју со Генералниот секретар на МБП ( Македонско – Бугарско пријателство), Г. Димче Петкоски

Г-не Петкоски, какви се основните цели на вашето здружение?

Цел на Здружението е создавање на промени во Република Македонија и свест од неопходноста за зближување и меѓукултурна толеранција на соседните држави, Република Македонија и Република Бугарија.

Исто така давање придонес во промоција и афирмација во јавноста на Република Македонија, промоција на концептот на човековите права и базични слободи сфатен како комплекс од еднакви и неотуѓиви права и слободи на секоја индивидуа, во една слободна, правична и мирољубива држава.

Менување на приодот на луѓето кон конфликтите – од гледање на конфликтите како на деструктивен судир на некомпатибилни интереси и во културата, кон нивно перцепирање како можност за заеднички напредок и подобрување на односите, кои покрај интересите, ги содржат потребите, чувствата и вредностите.

Поттикнување на мултикултурната толеранција во согласност со современите цивилизациски стремежи за изградба на ново општество во единствена Европа обединета во Европската унија. Промовирање на владеење на правото, почитување на човековите права и практикување на демократијата. Заложби за создавање реални услови за искажување на културниот идентитет и реализација на индивидуалните права во контекст на мултикултурното општество во Македонија. Поттикнување и развивање нови, интегративни, заеднички културни вредности меѓу народите и етничките заедници во Република Македонија се наши цели.

 

Како ги оценувате односите меѓу Македонија и Бугарија во моментот и што според Вас треба да се направи за истите да се подобрат?

Република Бугарија е првата земја што ја призна независноста на Република Македонија. Во изминатите две децении, двете држави изградија партнерски односи што се карактеризираат со развиена и континуирана  соработка. Солидната соработка е присутна и во контекст на регионалните иницијативи и на мултилатерален план. Во таа насока, еден од приоритетите во билатералните односи меѓу двете земји е склучување Договор за пријателство, добрососедство и соработка, избалансиран во меѓусебните права и обврски, договор што ќе ги отсликува европската визија, стандардите и вредностите како суштина на билатералите односи меѓу двете држави. Другите приоритети се однесуваат на натамошно унапредување на политичките и економските односи, унапредување на регионалната и мултилатералната соработка, заемно учество во инфраструктурните активности и, секако, решавање на сите прашања од заемен интерес, како на билатерален, така и на регионален и мултилатерален план.

 

Бугарија е наш најголем партнер во сферата на меѓуграничната соработка. Според последните официјални податоци двете земји успеале да придобијат околу 20 милиони евра од различни проекти финансирани од ЕУ. Зошто според Вас ваквите позитивни примери за соработката меѓу двете држави остануваат на заден план и речиси секогаш се навраќаме на некои така наречени контроверзни прашања од минатото.

Република Бугарија и Република Македонија треба да ги интензивираат напорите за промовирање на добрососедските односи и соработка, вклучително и преку проекти и иницијативи кои би можеле да имаат практична вредност не само за двете земји, туку и за целиот регион.

Двете страни треба да придонесат со заедничка заложба за унапредување на економската соработка, трговската размена и реализација на инфраструктурни проекти што се од значење за двете држави, со акцент на изградба на железничката и патна инфраструктура. Сметам дека треба да се даде приоритено значење на проектите кои се насочуваат кон развојот на автомобилската и железничката инфраструктура со особено внимание кон коридорот 8 (исток- запад)

Да се интензивираат активностите меѓу двете држави во поглед на регионалното поврзување, бидејќи тоа претставува основа за поголема економска соработка.

Одлуката на Европската Комисија за стопирање на програмата за коридорот 8 се случи истовремено со состанокот на Стопанските комори од Македонија и Бугарија кој се одржа во Скопје, а на кој претставниците на двете комори како главен недостаток во рамките на деловната соработка го истакнаа неквалитетот на постојната патна и железничка инфраструктура, тоа беше непријатна одлука за двете земји, таа состојба треба да се промени.

Исто така, акцентот мора да биде ставен на големиот потенцијал за размена во области што се од најголемо значење на граѓаните на двете земји, како економијата, туризмот и културата. Заедничка намера е добрите практики на соработка, преку академиите за науки да се пресликаат и во другите области на соработка.

За вториот ИПА програмски период, конкретно за реализација на Програмата за прекугранична соработка со Бугарија до 2020 година, од страна на Европската Унија на располагање се ставени вкупно 20 милиони евра. Другите средства ќе бидат реализирани во рамките на вториот јавен повик на кој, како и на првиот, ќе можат да учествуваат општини, установи, организации, асоцијации, универзитети и други непрофитни субјекти од Североисточниот, Источниот и од Југоисточниот плански регион од Македонија, сретствата од оваа програма треба да се искористат.

Што се однесува на контраверзните прашања од минатото, тука би погледнал наназад во раните 90-ти кога во плуларна Македонија, после осамостојувањето, некои структури од старите удбашки центри успејаа да се инфилтрираат во ситемот на државата и со старите ментални матрици ги кочеа сите процеси во земјата, а се со цел за нивни лични и бизнис интереси на штета на Македонја. Се надевам дека долгата транзиција и искуството од минатото ќе ни послужи како  поука за иднината.

 

Официјална Софија веќе неколку пати истакна дека ќе и помогне на Македонија во преговорите за влез во ЕУ. Што треба да направи Македонија според Вас за да не отиде таа помош напразно?

Стабилноста на сите земји од Југоисточна Европа е од приоритетна важност за Бугарија и таа, без сомневање ќе продолжи да биде гарант на независноста и територијалниот интегритет на Македонија.

Исто така многу е важна  потребата од членство на Република Македонија во НАТО и почеток на пристапни преговори за македонско членство во Европската унија, натамошно продлабочување на добрососедските односи од страна на Република Македонија кон соседите ќе биде клучот за влез во НАТО и ЕУ.

Македонија е во тешка политичка ситуација, после изборот на новата влада она што треба да го направи се итни реформи и спроведувањето на препораките од Прибе. Во Препораките, меѓудругото, се наведува дека: Основните стандарди на демократско владеење мора да се исполнат. Конструктивен политички дијалог помеѓу владата и опозицијата и покрај сите политички разлики е неопходен за соодветното функционирање на парламентарната демократија. Сите политички чинители во земјава мора да се обединат околу стратешките и национални интереси.

Судството во земјата до сега често пати беше нотирано како критична сфера не само во извештајот на Прибе туку и во извештаите на ЕУ и меѓународната заедница. Препораките глевно беа во насока дека евидентно е политичкото влијание и дека е неопходна институционална независност на судската власт во земјава, тоа е исто така важна реформа во преговорите за ЕУ.

Македонија ќе мора да ги прифати сите препораки од извешатите на ЕУ за независност на судството, ќе се примени методологија која вообичаено ја користиме за преговори за поглавјата 23 и 24“.

Поглавјето 23 кое се однесува на правосудството и на фундаменталните права (ефикасност и непристрасност на судството, антикорупција, спречување тортура, затворски систем, слобода на изразување, слобода на здружување, родова еднаквост, антидискриминација…), додека, пак, поглавјето 24 се однесува на правда, слобода и на безбедност (миграција, азил, визна либерализација, надворешни граници и граници на шенген-зоната, судска соработка во кривични и во граѓански предмети, полициска соработка во кривични и во граѓански предмети, борба против организиран криминал, борба против тероризам и царинска соработка за борба против дрога и фалсификување на еврото).

Како и во изминатите, така и во последниот извештај за Македонија имаше забелешки околу напредокот во овие поглавја.

Ако овие работи ги завршиме како домашна задача, тогаш Република Бугарија со леснотија ќе може да ни помогне во преговорите, но исто така да ни ги пренесе искуствата за влез во ЕУ.

 

Што очекувате од новата влада во Софија и дали мислите дека Зоран Заев како иден можен премиер, ќе биде повеќе заангажиран токму на полето за зближување на двете земји?

Приоритет е Македонија и Бугарија да ги продлабочат добрососедските односи, на двете држави, час поскоро да потпишат Договор за пријателство, како храбар чекор на меѓусебна толеранција и уважување. г-дин Зоран Заев во неколку свои јавни настапи го потенцираше токму тоа, дека пријателството со братска Бугарија е негов приоритет како иден премиер.

Патот на Република Македонија кон НАТО и ЕУ води преку Софија. Мислам дека е време Македонија да почне да размислува европски, да гради пријателста со сите соседи. Политиките од минатото на разор и кавги треба да завршат еднаш засекогаш. Искуството од минатото на поделби и кавги е доволно скапо платено од народот. Време е да и погледнеме на вистината во очи, време е да се разбудиме од сонот на југославија и конечно да тргнеме по вистинскиот пат, патот на успехот, просперитетот, по патот на европските вредности.  Дваесет и шест години некој тука во Македонија сите проблеми ги ставаше под тепих, сега тепихот е кренат и нема више изговори и интриги, мора да се фатиме за работа сите, идната влада ја чека сериозна работа. Ќе видиме во која насока ќе тргне земјава, набрзо ќе видиме дали најавите за зближување на двете земји се искрени. Во 2018 година Бугарија ќе претседава со ЕУ, таа шанса Македонија не смее да ја пропушти, тоа е историска шанса за нас. Мислам тоа што Бугарија прва не призна под уставното име по осамостојувањето, следната година ќе го круниса со влез во НАТО и потоа влез во ЕУ. Искрено се надевам на принципиелни братски односи од новата влада на Република Бугарија, без сомнение.

 

Дали сте во план да влезете во политичкиот живот во Р. Македонија?

Во нашето здружение има луѓе кои се и од десната и од левата профилација на политичката оска, се разбира ние зборуваме на теми поврзани со политички формации и идеи за формирање на политички субјект, и ние немаме против доколку некој од нашите членови сакаат да ги вложат своите искуства во еден таков проект. Се разбира во нашиот статут во таков случај е јасно дефинирано дека членувањето во здружението ќе биде во мирување. Како што кажав се разговара на тие теми, времето и анализите ќе покажат дали има услови за еден таков проект.

 

поврзани објави

Последни објави