Модерните микрофони „бубачки“ веќе ги нема во пленарната сала во Собранието, откако беа откорнати за време за организираниот напад на 27 април. Пратениците на седницата за избор на нова влада веќе втор ден зборуват микрофони со старомоден изглед, кои асоцираат на настаните што се случуваа во Собранието пред 26 години во функција на формирање на самостојна и суверена држава.
На вакви микрофони експозе даде и првиот премиер во независна Македонија Никола Кљусев, а вчера традицијата ја продолжи и мандатарот Зоран Заев. На вакви микрофони се обраќаа и првиот претседател Киро Глигоров и првиот собраниски спикер Стојан Андов
Тие, исто така, асоцираат на жестоките дискусии што ги паметиме на Љубчо Георгиевски, Митко Атанасов – Врапчето, Ратка Димитрова, Абдурахман Алити, Бранко Црвенковски, Стево Црвенковски, Зоран Крстевски и другите пратеници кои оставија трага во изградбата на парламентарната демократија и државноста.
Од стручните служби во Собранието објаснуваат дека микрофоните само личат на старите, инаку се нови и многу современи. Тие микрофони биле поставени во Кристалната сала и се користеле за прослави, ама сега поради демолирањето на пленарната сала, се префрлени за привремено да ги користат пратениците.
Во Собранието, покрај микрофоните беше оштетена и другата техника, како и безбедносните камери.
Беа искинати и сликите претседателите на парламентот Стојан Андов и Тито Петковски кои беа во редот на сликите со досегашните претседатели на Собранието.
Собраниските служби велат дека во моментот не може да се распише тендер за набавка на нова техника.
Извор: СДК