3.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Ристовски: Првите чекори на СДС не носат никаква дополнителна вредност за граѓаните

„Првите чекори откако СДС ја презеде владата се сведуваат на најави за уривање, блокирање и укинување. Првите чекори на СДС се сведуваат на антиреформи, наместо реформи. Првите чекори на СДС не носат никаква дополнителна вредност за граѓаните. Само чиста спротивност на тоа што Заев го ветуваше, а граѓаните го очекуваат од него.

Па така, по одлуката за укинување на екстерното тестирање, наместо негова надградба и унапредување како еден од механизмите за подигнување на објективноста и оценувањето, стекнувањето на реалните знаења, кое е карактеристично и кое постои во 30 европски земји, на ред дојде и предлогот за укинување на наставните програми и учебници по математика и природни науки, по кои се учи во основното образование во нашата земја веќе три учебни години и стопирање на нивното воведување во средното образование од септември годинава.

За жал, во СДС не постои свесност за квалитетот и важноста на оваа реформа воведена од ВМРО-ДПМНЕ со поддршка на Меѓународниот центар за наставни програми на Универзитетот Кембриџ, кој социјалдемократите дури и се обидуваат тотално да го деградираат, квалификувајќи го како невладина организација која работи на подобрување на образованието во земјите од третиот свет.

За волја на вистината станува збор за најголемиот светски снабдувач со квалитетни учебници и наставни програми, кои се применуваат во 160 земји во светот и над 10.000 училишта. Земји како Велика Британија, Ирска, САД, Сингапур, Холандија не се земји од третиот свет. Напротив, некои од нив се и на листата на најдобри образовни реформатори во светски рамки. Колку само за информација, само во Лондон има 171 училиште во кое се применуваат наставните програми и учебниците одобрени од Кембриџ.

Особено важно е да се истакне дека Кембриџ реформата, која кај нас е воведена како системско решение на национално ниво, односно наставните програми и учебници им се бесплатно достапни на училиштата, за разлика од голем број други земји, каде што се применуваат во елитни приватни училишта, донесе значајни промени во смисла на квалитет во македонскиот образовен систем, што е потврдено и во извештаите од мониторингот за имплементација на реформата од страна на Универзитетот Кембриџ односно на Меѓународниот Центар за наставни програми.

Па така, денес имаме значително зголемена интеракција на часовите, поголема креативност во предавањето и позитивни промени во педагогијата во смисла на вклучување на дискусија и размислување, како и позитивни промени во постигнувањата по предметите кои се опфатени со оваа реформа. А каде резултатите долги години наназад имаа континуиран пад што беше и иницијалната причина за започнување на оваа реформа.

Учениците се во фокусот на вниманието, а класичното предавање со креда на табла полека заминува во историјата. Повеќе немаме дилеми дали одредена програма е добра или не, дали одреден учебник соодвествува на возраста на учениците или не. Сето тоа е минато, а Република Македонија е лидер во регионот по однос на реформирањето на системот на основното образование.

Факт е дека Кембриџ обезбедува поквалитетно образование, кое е базирано на меѓународно споредливи стандарди.

Така што, СДС наместо да бара алиби за укинување на реформата, најчесто преку креирање на лажна слика дека постои незадоволство од истата, особено кај наставниците, да ја преиспита својата одлука и да обезбеди континуитет во образованието на учениците согласно новите наставни програми и учебници и од септември месец, согласно планот истите да се воведат и во средните училишта обезбедувајќи квалитативен образовен континуитет.

Само така СДС ќе потврди дека нивните образовни политики, ако може така и да се наречат, се базираат на најдобриот интерес на оние за кои се наменети, во конкретната ситуација тоа се учениците.

И да ги потсетиме СДС, дека наместо антиреформи и дека наместо гол популизам, граѓаните очекуваат просечна плата од 30.000 денари, а минимална од 16.000 денари, 500 километри автопат, повисоки пензии, раст на економијата од 5%, 64.000 нови работни места“, изјави Спиро Ристовски.

поврзани објави

Последни објави