-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

НСДП: Поддршка за првите Владини одлуки

Централниот одбор-ЦО на НСДП денеска во Скопје одржа редовна седница на која се разговараше за актуелната политичка ситуација по формирањето на новата реформска Влада.

ЦО на НСДП изрази поддршка за првите Владини одлуки кои го отворија процесот на реализација на програмата врз основа на која ја доби довербата од мнозинството во Собранието и оцени дека во Македонија по 11 години на девастирање на системот повторно демократијата и владењето на правото се поставени како приоритети на извршната власт.

Со изборот на новата Влада, со нејзиниот кадровски потенцијал и програмски определби, НСДП смета дека се постави длабок рез во политичката историја на Македонија. Мрачната доба на авторитарното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во која државата беше подредена на лукративните интереси на тесни криминално-политички групи треба да биде запишана во колективната меморија на граѓаните како нешто кое никогаш повторно несмее да се повтори.

Поради тоа што досега владеењето на правото не можеше да воспостави граници на политичкиот волунтаризам и интрументализацијата на институциите за криминогени интереси, НСДП очекува сите реформски процеси да се одвиваат во уставните и законски рамки и со тоа да се отвори нова страница во поновата историја на Република Македонија, во која политичарите ќе бидат свесни за обврските преземени пред граѓаните и одговорни за своите постапки.

Истовремено, НСДП смета дека и кај граѓаните треба да отпочне процес на градење на демократска политичка свест во која, на сметка на клиентилизмот, ќе надвладее потребата за казнување на политичарите кои ја имаат злоупотрбено дадената доверба и функција.

Поради искуство кое Македонија го имаше со владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, преголема концентрација на политичка моќ во една партија, на седницата беше реафирмирана потребата од реформа на изборниот модел, односно да се постигне широк политички консензус шесте изборни единици да бидат заменети со една изборна единица, без изборен праг, затоа што партискиот плурализам во раководењето со институциите може да биде механизмот за заштита и развој на парламентарната демократија во државата.

На седницата, покрај другото, беше нагласено дека НСДП со севкупниот свој кадровски потенцијал активно ќе партиципира во креирањето и спроведувањето на сите владини политики во кои интересите, потребите и проблемите на граѓаните ќе бидат императив“, се вели во соопштението на НСДП.

поврзани објави

Последни објави