3.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Груевски: Ако ДУИ не изигра, ќе владееме уште 8 години по ред

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, г. Никола Груевски, во ново интервју за „Дневник“, по повод платформата што ја објавија албанските партии од Македонија, истакна дека ќе се обиде да состави влада, но не по секоја цена, нагласувајќи дека повторно се создава атмосфера, албанските партии да не коалицираат со ВМРО ДПМНЕ, отворено посочувајќи вмешување на некои странски дипломати и политичари во таа приказна.

Во прилог ви пренесуваме дел од интервјуто со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и кое што ќе излезе во утрешниот број на весникот „Дневник“.

Помеѓу албанските партии се креира заедничка платформа за настап. Се создава атмосфера овој пат да не коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ?

„Да, повторно таа атмосфера како и во минатото и сега се создава од медиумите и лицата што водат или припаѓаат или се соработници на HBO финансирани од институтот отворено општество. Вмешувањето на некои странски политичари и дипломати е дел од истата операција, водена од еден центар. Сепак, одлуката ќе биде наша, на ДУИ и на другите партии, и никој нема право да каже дека некој друг му сугерирал или му вршел притисок затоа што на крајот финалната одлука е наша.“

Многу албански политичари и аналитичари тврдат дека албанскиот електорат посакува влада водена од СДСМ со албанските партии.

„Во 2008 година македонскиот електорат, особено вмровскиот, не сакаше коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, па таа се случи најмногу затоа што Албанците во Македонија сакаа ДУИ да ги застапува во владата“.

Но овој пат и албанските медиуми се на ист став..

„Да, исто како во 2008 кај македонските медиуми“.

Велат и членството на ДУИ не сака коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

„Не знам дали така размислува членството на ДУИ, но знам како размислуваше членството на ВМРО-ДПМНЕ во 2008, па донекаде и во 2011 и во 2014. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ тогаш се одлучи да коалицира со ДУИ, затоа што беше очигледно дека мнозинството граѓани Албанци сакаат ДУИ да е во владата. “

Не беше така во 2006 година?

„Во 2006 година не ни можеше да биде поинаку кога не само што воопшто не се познававме туку се уште беа свежи нашите спротивставености од времето на конфликтот во 2001 година, кога бевме на две спротивни завојувани страни. Сепак, и ние политичарите, но подоцна и нашите електорати најдовме сила да ги надминеме тие предизвици.“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи дека доколку ДУИ отиде во коалиција со втората, наместо со првата партија, со поразениот, а не со победникот, тоа би значело воспоставување на една нова практика и традиција во Македонија, на која тие како партија би се приспособиле, не само сега, туку и во иднина.

Тој истакна дека помошта за Албанците не е двојазичност на целата територија на државата, туку отварање на 100 или 150 нови фабрики, во кои би се вработиле илјадници луѓе.

На прашањето што доколку ДУИ не коалицира со ВМРО-ДПМНЕ како потенцијален победник, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговори:

„Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро, ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандати по ред. И ќе бидеме без било каква обврска при составувањето на владата“.

поврзани објави

Последни објави