3.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Добро утро браќа Македонци, бидете фенси – бидете бугарофили!

Пишува: Марио Милчевски

 

Го напишав текстот а пред самиот крај се мислев како да го крстам односно каков наслов да содржи истиот. Со оглед на тоа дека истиот беше пишуван во раните утрински часови, се решив да му посакам Добро утро на Македонецот посакувајќи му да биде „Бугарофил“, со цел да ги прифати работите кои некогаш беа неприфатливи, а деновиве се тренд во нашата држава – за оние што не знаат „ФИЛСТВО“ во превод значи “САКАМ“, што во случајов би било изразување почит односно љубов кон соседите од Бугарија. Меѓутоа тоа е делот од шегата, а вистината е дека навистина во Република Македонија деновиве стана фенси да бидеш „бугарофил“, и тоа „бугарофил на дело, а не само на збор.“ Посетата на премиерот во Бугарија вознемири многумина, но она што е најинтересно е дека ги вознемири оние кои во 90-тите па дури се до 2008 година немаа ништо против нашиот источен сосед, немаа ништо против бугарофилството, напротив, тие беа оние кои се бранеа од нападите за нивното наводно бугарофилство од луѓето кои пак  сега молчешкум ја одобрија одлуката на Заев дека Македонија мора да гради добрососедски односи со Република Бугарија. И тоа не е ништо спорно, ниту пак проблематично. Но останува прашањето – Што се случи, што се промени кај тие луѓе?

Ако до пред неколку години во Република Македонија одредени политичари и јавни личности прашуваа “што е фраерски да си бугарофил“, најверојатно денес го добија одговорот и истите почнаа така и да се однесуваат. Но, да почнеме од почеток. Факт е дека СДСМ од почетокот на плурализмот во Македонија го обвинуваше ВМРО-ДПМНЕ за бугарофилство! За тоа „бугарофилство“ беа обвинувани повеќемина од некогашното, но и сегашно раководство на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои Антонио Милошоски, Мартин Треневски, Силвана Бонева (чиј сопруг беше обвинуван дека негира се што е македонско), Александар Лепавацов, Владимир Ѓорчев, Доста Димовска и многу други. Сите овие, без исклучок, од 90-тите години па наваму се обвинувани за „национални предавници“, „Бугараши“ и слично, иако за волја на вистината потоа, дел од нив се потрудија преку пропаганда да го искористат моментот и себеси да се претстават како најголеми “патриоти’ со цел да се задржат на власт па како единствен „бугараш“ и „предавник“ го прогласија нивниот некогашен лидер Љубчо Георгиевски. Георгиевски во Софија во 1999 година со тогашниот бугарски премиер Костов потпишаа заедничка декларација во која пишува дека двете страни „ќе преземат ефикасни мерки за спречување на недобронамерната пропаганда од страна на институции и агенции, нема да дозволат активности на приватни лица насочени кон поттикнување омраза и други слични дејства што би наштетиле на односите меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија. Овој документ тогаш наиде на едногласна осуда дека со овој потег се понижила македонската нација. Тогашниот премиер на Република Македонија кој го потпиша документот за подобрување на односите меѓу двата блиски народи од СДСМ беше нападнат дека извршил национално предавство затоа што прифатил да се потпише документ кој според нив го негира македонскиот јазик и нација. Ова не беше единствен напад против ВМРО-ДПМНЕ за нејзиното „бугарофилство. Некогашниот опозициски, а денес владејачки СДСМ од Прилеп го обвинуваше ВМРО-ДПМНЕ за лажен патриотизам, бугарофилство и негрижа за македонскиот идентитет, јазик и културно историско наследство, односно за бугаризирање на Марко Цепенков. Денес, дали по стапките на лидерот, или пак по свое лично убедување, човекот кој го обвинуваше ВМРО за таквото бугаризирање, беше дел од владината делегација на премиерот Зоран Заев која беше во посета на Бугарија и која најави заедничко чевствување на Илинден со бугарскиот премиер, а која патем се поклони и пред споменикот на Цар Самоил. Во низата „паметњаковци“ е и поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев кој не така одамна, во Колумна тврдеше дека Георгиевски веднаш по премиерскиот мандат, станал државјанин на друга држава (во случајот Бугарија), бламирајќи ја македонската држава и македонскиот народ. И такви се, повеќемина, меѓу нив и еден кој своевремено пишуваше колумни во кои јавно прашуваше „Што е фраерски да си бугарофил“. И ете. Го погодил прашањето. Но сега истото најверојатно треба да го прати на друга адреса, вклучувајќи ја и неговата. Нејсе. Она што сакам да го потенцирам е дека ако терминот „бугараш“ се користеше како етикета за десно ориентирани Македонци и противници на Југослововенската Федерација тогаш можеме ли да кажеме дека после Георгиевски, Заев (според последните случувања) е најголемиот десничар во Република Македонија?

Ако во Република Македонија до пред некое време македонските политичари имаа страв да спомнат, а камоли да се обидат да направат нешто позитивно во однос на македонско – бугарските односи, денес тоа е реална политика на Владата на Република Македонија. Играчите од „портокаловите“ и сините“ политички елити кои маваа со дрвја и камења по ликот кој имаше храброст отворено да збори за македонско – бугарските односи, денес мора да се соочат со реалноста – таа е, ДОЈДОВТЕ ПАК ДО ТОА ШТО ГЕОРГИЕВСКИ ГО КАЖА!

Затоа, капа долу за потегот на македонскиот премиер за неговите гледишта и политика кон нашиот источен сосед кој дава целосна поддршка за нашата евроатланска интеграција и влез во НАТО , но не и за многумина блиски до СДСМ кои по осамостојувањето на државата, години наназад гледаа непријател во Бугарија, а секој оној кој сметаше дека Македонија треба да има добрососедски односи со нашиот источен сосед и дека Бугарскиот народ ни е братски народ, е или го прогласуваа за предавник!

Затоа Македонци, бидете паметни! Не велете и “НЕ“ на Бугарија. Земете ја како адвокат во ЕУ кој може да помогне на Македонија да стане дел од европското семејство!

 

поврзани објави

Последни објави