Поранешниот министер за правда, Михајло Маневски во денешната трибина во организација на „Павел Шатев“ вели дека вчера Катица Јанева буквално одговорила на барањата на своите налогодавачи
Мислам дека вчерашниот ден беше еден монструозен, беше прикажана една монструозна работа, со тоа што по 18 месеци одеднаш покренаа толку обвиненија. Тоа не е случајно, тоа намерно се темпираше да пукне како една бомба, да се види „што сториле раководството на ВМРО-ДПМНЕ и какви кривични дела се сториле“ со прикажување на состојбите на ним својствен начин, со една парада, со тотално непочитување на основниот принцип на кривичната постапка, а тоа е принципот на пресумпција на невиност, истакна Маневски.
Вели дека со натоварените комбиња се сакале да се прикаже колкав е доказниот материјал.
-Јавноста ниту е наивна, ниту може да поверува во такви невистини, во такви паради кои имаат една и единствена цел, да го одвлечат вниманието од горливите проблеми на државата во кои се повеќе ја вовлегува владата на Зоран Заев и политика што ја спроведува под диригентска палка на странски фактори.
Маневски посочи ВМРО-ДПМНЕ во почетокот, кога се формираше Специјалното Јавно Обвинителство немале ништо против оваа институција, бидејќи нема што да се крие. Меѓутоа, вели Маневски, тоа требаше да биде сторено на еден, неселективен, законит, транспарентен начин, меѓутоа, ова се претвори во една хајка против функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ова не е Специјално Јавно Обвинителство за гонење на кривични дела кои што произлегуваат од незаконски преслушуваните разговори, ова е Специјално Јавно Обвинителство за гонење на функционери и раководители на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира поранешниот министер.
Потсети дека СЈО нема покренато постапки против функционери на ДУИ, СДСМ или на други политички партии.
-Колку вршеше функција на власта ВМРО-ДПМНЕ, толку вршеше и ДУИ, меѓутоа, на удар во фокусот е само ВМРО-ДПМНЕ и неговите раководители. Ова Јавно Обвинителство е политички инструмент, истакна Маневски.
Потенцира дека откако СДСМ не успеа на легален начин да го симне ВМРО-ДПМНЕ од власт, пристапиле со сесрдна поддршка од надвор кон рушење на оваа Влада и кон рушење на оваа партија.