-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Димитров: Не ни требаат стотици споменици за да бидеме горди Македонци

Нам не ни требаат стотина споменици на плоштадот во Скопје за да бидеме горди Македонци. Оваа Македонија им пристапува на своите соседи без предрасуди и став, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за хрватската редакција на телевизјата N1.

Во врска со спорот за името, тој рече дека не знае дали тоа прашање ќе се затвори за време на мандатот на оваа влада.

„Мојата порака во Атина беше следнава: Ве молиме за поддршка, сметаме дека мора да промислите каков сосед сакате да имате. Во Македонија сега сме силно посветени на изградба на европска демократија која се темели на владеење на правото и веруваме деа е од интерес на Грција да има таков сосед. Им порачав дека долгогодишното блокирање на соседната држава во нејзините најважни стратешки цели нужно не создава конструктивна средина, туку сите нè прави дефанзивни и го појачува чувството на страв. Со оглед дека Грција може да го искористи своето влијание како членка на ЕУ и НАТО, може да постави низа препреки на нашот пат кон иднината. Но, ако нѐ пушти во НАТО, ќе настане многу позитивна клима за решавање на спорот за името. А и тоа ќе има многу смирувачко влијание врз регионот кој во последниве неколку месеци, дури и во последниве неколку години не е баш во најсреќна ситуација“, рече Димитров.

Според него, ако Грција не ја блокира Македонија за влез во НАТО ќе настане многу позитивна клима за решавање на спорот за името.

„Грците одговорија дека не се спремни да дадат зелено светло за наше членство спрема одредбите на референтната рамка на ОН, но мојот одговор беше дека нема да престанеме да се обидуваме да ги убедиме на пристоен начин и со позитивни пораки. Разговаравме за мерките за градење доверба. Додадовме повеќе ‘месо’ на тој костур, а на крајот на август министерот Коцијас ќе дојде во возвратна посета. Станува збор за долготраен спор кој не може да се реши преку ноќ. Но наша задача е да се создаде соодветен контекст како темел за натамошни чекори. Мора да работиме на домашен план. Зашто, ова прашање е од исклучителна важност за македонскиот идентитет, тоа не треба посебно да се нагласува. Затоа, ни треба соработка меѓу сите клучни политички актери и создавање национален консензус во инклузивен процес“, истакна Димитров

поврзани објави

Последни објави