„Договорот за добрососедство би дал друга насока на Балканот. Ги поддржуваме напорите да се потпише овој договор“. Ова го изјави лидерот на Бугарската Социјалистичка Партија Корнелија Нинова во однос на најавеното потпишување на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.
„За време на нашата средба со Зоран Заев го поддржавме во обидот да ги подобри односите со Бугарија. Тој сака да ги подобри овие односи и да ги направи добрососедски. Мислам дека целиот регион ќе има корист од тоа“, објасни таа.
„ Постои едно прашање, што го поставив и од собраниската говорница, а имено дали некој го видел овој договор? Дали некој го прочитал, бидејќи ние не сме запознати“, коментира лидерката на бугарската опозиција.
„Одеднаш настана голема врева за овој договор, а никој не го видел, не е познато на кои јазици е напишан и што пишува внатре”, посочува лидерката на БСП.
Според неа нема ништо лошо во тоа Бугарија и Македонија да слават заедно празници.
Нинова го повика премиерот на Р. Бугарија, Бојко Борисов да го претстави договорот пред бугарскиот парламент.
Во меѓувреме од македонска страна го набљудуваме речиси истиот вокабулар од страна на ВМРО-ДПМНЕ, во однос на најавениот договор. И покрај фактот што партијата под водството на Никола Груевски тврди дека ја негува демохристијанската идеологија, таа дели исто мислење со бугарските социјалисти наследници на Тодор Живков.