3.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

За станица нема, ама за кавијар има

Крај кочанското село Мојанце почна изградбата на најголемата пречистителна станица во источниот дел на земјата. Македонската држава тој капитален проект ќе го финансира со 2 милиони евра, додека останатите пари ќе дојдат во вид на донација. Швајцарската влада ќе ги даде останатите 21 милион швајцарски франци, кои ќе бидат потребни за завршување на проектот.

За жал на полето на финансирањето проекти од реален јавен интерес, државата Македонија и нема некои утврдени традиции. Кај нас речиси сѐ што е од реална корист за граѓаните, се гради или реновира со донации од други држави… училишта, болници, библиотеки, пречистителни станици.

Македонската држава е јака на друго поле, а имено во сферата на репрезентативните трошоци. Ние плаќаме данок за да пиеме чиста вода, ама парите од нашите даноци одат за некој министер да пие скапа високоминерализирана вода во некој ексклузивен ресторан. Тоа е реалноста. Во целата таа небулоза е добро што постојат државите од Западна Европа и Америка. Добро е што постои и нашата трансгранична соработка со Р. Бугарија, оти ако чекаме од министрите да си скратат од кралскиот оброк, за тие пари да се искористат за нешто навистина корисно… ќе се изначекаме.

Нашите министри и нивните помошници јадат кавијари, морски плодови, се луксузираат, како да се синови на арапски шеици, ама за пречистителна станица нема доволно средства, мораме со странски донации да ја правиме. Малку е нелогично, нели?

Пишува: Батко Тане

 

 

поврзани објави

Последни објави