Потенцијалот за соработка меѓу Македонија и Австралија е огромен, а денешната прва посета на австралиски министер за надворешни работи на Македонија е добар старт за тој да почне да се искористува. Мост на таа соработка е бројната македонска дијаспора во Австралија, оценија на денешната заедничка прес-конференција австралиската министерка за надворешни работи Џули Бишоп и нејзиниот домаќин шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Според министерката Бишоп, предолго не се случила ваква посета на земјава и изрази надеж дека тие ќе бидат почести во иднина.
– Особено сум задоволна што сум тука во овој период кога има големи очекувања, големи можности, во време кога македонскиот народ има нова Влада и врти нова страница. Земјата отвора ново поглавје и Австралија ве охрабрува во спроведувањето на сите задачи што се поставени на агендата – економските реформи, заложбите за демократија, демократските вредности, за владеење на правото и човековите права, нулта толеранција за корупцијата. Треба да се поддржат напорите во овие цели и ќе направиме се што можеме да ве поттикнеме во вашите напори, рече Бишоп.
Според Димитров, ова е голем ден за нас бидејќи ова е прва посета на министер од Австралија од прогласувањето на независноста на Македонија во 1991 година.
– Има огромен потенцијал за развој на билатералните односи и ќе ја искористиме оваа посета и ова внимание што го добива регионот како еден старт на искористување на овој потенцијал. Се надеваме дека ова е само еден почеток. Сакаме да има, можеби не пречести со оглед на реалноста на географијата, меѓутоа редовни средби и на министерско и на повисоко ниво меѓу Република Македонија и Австралија, рече Димитров.
На билатерално ниво двајцата оценија дека бројната македонска дијаспора создава тесна поврзаност на ниво на народи на двете држави.
– Во Винстон, државата од каде што доаѓам, има мошне гласна македонска дијаспора која што е заинтересирана за нивната нова татковина, но и за нивната матична земја и тоа што се случува во неа, рече Бишоп.
Димитров нагласи дека значаен дел во разговорите посветиле токму на македонската дијаспора во Австралија како мост на соработка меѓу двете земји и како една од базите на која ќе можеме и понатаму да ги градиме односите.
Министрите за надворешни работи се осврнале и на можностите за зголемување на економската соработка, на трговската размена меѓу двете земји, како и за глобалните предизвици како што се мигрантската и бегалската криза, борбата против тероризмот и заедничките напори кои можат да ги направат двете земји како дел од Коалицијата против ИСИС.
– Споделивме искуства во справувањето со тероризмот. Мислам дека има многу можности за развој на нашата соработка како дел од групата на министри на демократски држави во овој дел од светот во нашите настојувања за постигнување мир и просперитет во свет оптоварен со многу предизвици, порача Бишоп.
Шефот на австралиската дипломатија во Скопје попладнево ќе има средба и со престедателот на македонското Собрание Талат Џафери.
Австралиската министерка Бишоп е во посета на Македонија во рамки на нејзината турнеја во регионот, со цел да се стекне со добра перспектива за значењето на овој дел од светот за врските со ЕУ и НАТО. Во Скопје дојде од Хрватска, а оттука заминува за Србија.