3.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Нови сведоштва за алчноста и Супер купот: Лажеле Англичанец дека хотелот е поплавен за да ја откаже резервацијата и собата да ја издадат поскапо

Продолжуваат сведоштвата за алчноста на македонските хотелиери во пресрет на Супер купот кој на 8 август ќе се одржи во Скопје. Ви пренесуваме објава на Фејсбук страницата Manchesterismyheaven.com која ја одржуваат фанови на Манчестер Јунајтед:

Во пресрет на УЕФА Супер Куп Скопје 2017 присуство во Македонија најавија голем број на навивачи на Манчестер Јунајтед од Англија, а воедно и наши пријатели. Вчера како што пренесоа MUSC-Macedoniaпостои голем проблем во врска со нивното сместување и малверзациите кои се обедуваат да ги направите македонските угостители. Денеска имавме случај кој во целост ќе ви го пренесеме за да ја доловиме ситуацијата со која се соочуваат.

Имено, наш пријател од Англија, верен фан на клубот, навивач со сезонска карта од Олд Трафорд сака да го следи Манчестер Јунајтед во Скопје. Неколку дена по триумфот на „црвените ѓаволи“ во Стокхолм тој резервирал сместување во еден македонски хотел (нема да го именуваме) по нормална, регуларна цена и се надевал дека со тоа ја завршил работата во однос на неговиот престој во Скопје. Пред точно две недели, добил меил во кој го известуваат дека хотелот е поплавен и нема да работи во следните месеци при што го замолуваат да ја откаже резервацијата. Нашиот пријател многу мудро проверува на интернет дали има повеќе информации во однос на поплавата која го затекнала хотелот, но тој не доаѓа до таква информација и согледува дека тие сè уште прават резервации за многу поголеми суми за датумите кога е европскиот Супер Куп. Тој им враќа повратен меил дека нема намера да ја откаже резервацијата и дека мора да го испочитуваат договорот, со што добива повратен одговор дека тој никако не им помага на нив со што не ја откажува резервацијата. Практично, тие не можат да ја откажат неговата резервација и го замолуваат него тој тоа да го стори сам со што ќе можат да ја понудат истата соба за многу поголема сума.

Денеска, по молба на нашиот пријател кој е загрижен за неговото сместување го посетивме хотелот да се увериме во информациите дали навистина е поплавен, дали работи и дали сè уште постои неговата резервација. Хотелот работеше, беше во нормална состојба и прашавме дали може да ни ја потврдат, односно само да ни пренесат дали постои неговата резервација. Рецепционерката беше прилично услужлива иако беше затекната од информациите што ги знаеме, додека менаџерот/сопственикот го слушаше нашиот муабет со неа и веднаш гневно се вмеша. Тој потенцираше прво дека тој требал да си ја плати собата, не требал воопшто да се интересира за дополнителни информации преку нас и дека можеле тие кога сакаат да му ја откажат резервацијата. Рецепционерката навидум прибрана се обиде со објаснување да го одбрани неговиот став со што кажа дека хотелот не е поплавен, тие не контактираат со нивните гости и можеби веб сајтот преку кој е направена резервацијата пренесува дезинформации. На тоа само повторно се вмеша господинот кој се заплетка во лагата со што дрско одговори дека хотелот бил поплавен и нема зошто ние да се интересираме со што ние вративме дека се работи само за наш пријател кој се грижи за својата резервација. Тој остана без зборови и повторно почна да ги повторува истите работи што ги кажа и дрско ни посочи дека тие што сакаат може да прават и да не прашуваме глупости кои не се точни, за кои ние впрочем имаме докази. На крајот, со господинот конверзацијата заврши така што не можевме да се разбереме, дури беше лут зошто се интересираме и сигурно да останевме уште некоја минута пак гневно ќе се однесуваше, додека рецепционерката ни потврди дека постои таа резервација.

На крај, нашиот пријател има договор со нив кој тие мораат да го испочитуваат иако се обидуваат да ја откаже резервацијата за да ја понудат собата за да се здобијат со максимален профит. Во спротивно сето ова ќе заврши со тужба и голема приказна која ќе го згасен хотелот. Со ваква услуга и катастрофална слика која ја оставаме на туристите, најверојатно никогаш повеќе нема да ни доделат да организираме настан од ваков калибар. Наместо да стимулираме поголеми посети во иднина, ние само ја влошуваме сликата за Македонија.

Ова е само еден случај од многуте во кои е направен обид да се направи профит, а да не говориме за сите оние на кои наеднаш им е пренесено дека собата поскапела и сега ако сакаат да претстојуваат мораат да платат астрономски суми. Во соработка со сите Manchesterismyheaven.com ќе помогне на секој на кој му е потребна било каква помош во Скопје, зошто еден ден и ние ќе се најдеме во ситуација кога ќе сакаме да го гледаме нашиот македонски тим во друга земја или пак да го следиме Манчестер Јунајтед во Англија. Спортот ги обединува сите и може да ја преброди секоја пречка.

Со почит, Manchesterismyheaven.com

поврзани објави

Последни објави