Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љубен Арнаудов денеска изјави дека пратениците од оваа партија од Охрид поднеле амандмани на ребалансот на Буџетот со кои бараат субвенционирање на штетите од земјотресите и субвенционирање на станоиздавачите.
Арнаудов рече дека аманданите ги поднесуваат со цел да им се помогне на станоиздавачите кои трпат штети од недостигот на туристи поради зачестените земјотреси во охридскиот регион.
– Најголема штета од земјотресите имаат станоиздавачите кои повеќето имаат земено и кредити, пари со кои инвестирале во своите објекти и се надевале дека ќе можат да ги вратат преку добивката остварена во текот на сезоната, но и да заработат нешто како би ја обезбедиле својата егзистенција. Додека станоиздавачите и хотелиерите се соочуваат со егзистенцијални проблеми, владата на СДС молчи, иако има обврска да се грижи за граѓаните, рече Арнаудов.
Тој посочи дека поради зачестените земјотреси, бројот на туристи е значително опаднат и повеќе од 80 проценти од резервациите се откажани.
– Во Охрид има вкупно 17.000 легла, од кои 13.500 на станоиздавачи и 3.500 се хотелски. Во просек субвенцијата треба да изнесува 37.500 денари по кревет или се вкупно околу 10 милиони евра, бројка која би требало да биде исплатена само за директни штети, додека треба да се пресметаат и индиректните штети како за бродарите, угостителските објекти итн, рече Арнаудов.