4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Не бев гласна за сега да ќутам

Пишува: Габриела Илиевска

Секој ден чекаме некакви промени. И секој ден нашата нервоза заради нивното отсуство станува сѐ повидлива. Годините поминати во покорност и послушност направија да бидеме крајно нетрпеливи.

Секој ден некој сака нешто да кажи, да критикува или нешто да праша.   После толку многу тишина, гласноста ни доаѓа како олеснување на душата и ослободување од товарот. Бидејќи кога со години ќе гледате неправди и свесно поминувате преку нив, тогаш и молкот е тежок товар. И зошто сега мора критичарите да бидат критикувани а нивните зборови да бидат разбрани како навреди? Зарем после толку многу гласност со која ја убивме тишината сега пак треба да завладее молкот? Оти јас не бев гласна за сега да ќутам!

Оставете ги луѓето да кажат што им лежи на душата. И не само тоа, туку слушнете ги што имаат да кажат. А имаат, многу имаат да кажат. Како за живи сведоци кои го преживеале режимот на Грујо, сите имаме нешто да кажеме. Секое критизирање на критиката во најмала рака ќе биде контрапродуктивно. Оти како што рече еден голем граѓански борец: „Критиката не е навреда, абдали… абдал е навреда“.

Она што ми смета се новопечените херои и “жртви“, луѓе кои за време на владеењето на претходната власт живееле удобен живот и како нејзини приврзаници ги уживале сите придобивки кои власта со себе ги носи. Ако не можеле да го носат товарот на гласноста, ако не верувале дека со неа може нешто да се смени, зошто да им дозволиме да се китат со туѓо перје и да примаат ордени за туѓата храброст? Ако низ годините имаше толку гласни “херои“ како денес, ова парче земја многу порано ќе го доживееше своето будење. Оти будењето не дојде со политички декрет, туку со гласност која ја уби тишината и ги донесе промените.

Велат дека секој е невин додека со аргументи не се докаже спротивното. И јас самата бев поборник на кажаното сѐ додека не го доживеав крахот на Битола, сѐ додека не видов отсуство на желба и намера кај институциите да се справат со креаторот на злото. Ај тоа, туку повеќе ме чудат оние кои денес тврдат дека повеќе немало што да се зборува за Двојче, оти Двојче бил завршена приказна, “мртов Германец“.

Камо среќа да беше така! Ама Двојче е сѐ само не тоа што некои го сметаат. За жал, тој е сѐ уште битолски градоначалник со сите законски овластувања. Двојче и ден денес распишува тендери, организира културни манифестации, се слика на спортски натпревари. Во локални рамки, тој е “главата на октоподот“. И после сето ова, без око да му трепни, како паун се шета низ Битола.

На сите оние кои ме прашуваат што е тоа што толку ми згрешил за да толку многу го критикувам, ќе им речам: Во моментот кога почна да ја ништи Битола, на Двојче “смртно“ му замерив!

Ама имам и јас прашање до оние љубопитните кои се “чудат“ што толку Двојче мене ми згрешил: зарем Вие драги сограѓани битолчани, не сметате дека оној кој 12 години ја управува Битола ја има најголемата одговорност за дното до кое го донесе градот на конзулите и клавирите? Не мислите дека во голема мера и тој кумуваше на егзодусот на нашите сограѓани? Не му го земате за грев пустењето на Офицерски, криминалот со превозот на ученици, рушењето на фонтаната, “божјите сили“ кои го загадуваат воздухот во Битола?

Ако не гледате ништо лошо во тоа, тогаш молчете и простете му. Јас нема да го направам тоа и сѐ додека не одговара за секоја педа од уништената Битола, нема да замолчам. Ако тој и неговите “соборци“ и браќа по криминалот не бидат изнесени пред лицето на правдата, ќе мислам оти никој веќе нема право да се чука во градите и да се колни во Битола.

И само уште една работа: не ми требаат тие кои до вчера седеле и комотно се чувствувале во скутот на режимот, уште помалку пак ми е важно нивното мислење. Оти тогаш кога требаше да се слушни нивниот глас, кога се крадеше без усул, кога се зборуваше за демократија, кога се тепаа ученици и студенти, нив ги немаше.

Затоа драги “ќутолози“, после толку долгото практикување на молкот, продолжете и натаму да го правите она што најдобро го знаете – ќутете!

поврзани објави

Последни објави