Најстариот син на американскиот претседател, Доналд Трамп, Доналд Трамп помладиот и поранешниот шеф на неговата предизборна кампања, Пол Манафорт, на 26 јули ќе сведочат пред Комитетот за правосудство на американскиот Сенат, соопшти овој комитет.
Британските медиуми наведуваат дека се очекува Трамп помладиот и Манафорт да бидат испрашани за обвинувањата дека Русија се мешала во претседателските избори во САД во 2016 година и дека се во наводен дослух со членови на кампањата на Трамп.
Еј-Би-Си њуз објави дека зетот на Трамп и негов советник во Белата куќа, Џеред Кушнер, се согласил во понеделник да се појави пред Комитетот за разузнавачки работи на американскиот Сенат.