Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција оцени дека со новата владина „Стратегија за интеграција на бегалци и странци во РМ во периодот 2017-2027 година“, како и на националниот акциски план за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година, подготвени од Министерството за труд и социјална политика, се менува досегашната стратегија на земјата која од транзитна сега станува земја на траен престој за овие лица и се маргинализираат македонските граѓани и побара објаснување за ваквите промени.
– Владата и Министерството за труд и социјална политика треба да одговорат зошто ја менуваат стратегијата на Република Македонија во делот на мигранти, бегалци и странци со која што Македонија од транзитна станува земја за траен престој на голем број луѓе на кои што ќе дојдат во Република Македонија. Со измените кои што ги предлага Владата во својата стратегија со измените што ги предлага Министерството за труд и социјална политика, тогаш ќе има олеснето доделено државјанство на овие лица, олеснето нивно сместување и изградба на цели станови, населби, згради, понатаму нивен олеснет пристап до градинки, училишта за сметка на граѓаните на Република Македонија како и засилено вработување, а сведоци сме дека вработувањата и тоа како им се потребни на граѓаните на Република Македонија, рече Ѓорчев.
Според него, во Република Македонија, државата треба да им даде приоритет на граѓаните на Република Македонија во делот на вработувањето, на решавањето на станбеното прашање, во делот на кредитите, а стратегијата која што ја предлага новата Влада и МТСП, вели, целосно ги маргинализира граѓаните на Република Македонија и им дава приоритет на мигрантите и останатите категории на лица.
Тој цитираше делови од акцискиот план за интеграција на бегалци и странци за следните 10 години, со кои се предвидува подобрен пристап за стекнување државјанство на лица под субседијарна заштита и признат статус на бегалец и праша за која бројка тука станува збор, а укажа и на мерката која предвидува „да се отстранат барањата за доставување на лични документи од земјата на потекло“.
– Значи, да одговорат дали тоа значи дека овие лица, мигранти, бегалци, оние кои што ќе аплицираат за македонско државјанство, нема да треба да поднесуваат документација од земјата на потекло. Дали тоа носи ризик од лажно претставување, дали тоа носи безбедносен ризик, вели Ѓорчев и прашува на кој начин ќе бидат проверувани лицата кои што ќе аплицираат.
Тој побара од Владата и Министерството да одговорат и на прашањата поврзани со олеснување на процедурите за семејно обединување, понатаму во делот на олеснувањето на вработувањето на бегалците и пристапот до можности за вработување, во делот на зголемување на капацитети за инвестиции во социјални станови.
– Овие инвестиции треба да бидат наменети за ранливите категории во Република Македонија и за граѓаните на Република Македонија. Во еден дел во табелата се вели: „Да се идентификуваат и обезбедат парцели на државно земјиште на располагање за инвестирање во социални станови“. Понатаму во делот на стратегијата на Владата за мигранти, бегалци и странци се вели достапни локации цитат: „Одлука на Владата барем сто единици локации да станат достапни“. Владата да одговори на кои места ќе бидат овие сто локации во кои што се планираат вакви колективни центри. Рокот е 2017-та година, а се вели дека проценетиот годишен буџет во евра, државниот придонес ќе биде сто проценти за оваа ставка, рече Ѓорчев.
Тој нагласи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека програмите и ресурсите на Република Македонија треба да бидат првенствено насочени кон нејзините граѓани.
– Приоритет во делот на домувањето поддршката за решавање на станбено прашање, во делот на вработувањето и во делот на социјалните услуги треба да имаат граѓаните на Република Македонија. Република Македонија има многу ограничени ресурси, Македонија ја има покажано својата хуманост и нема неограничени ресурси со кои што ќе може да ги реализира овие големи, големи обврски кои што ги превзема Владата, а кои што ако се реализираат ќе бидат на сметка на граѓаните на Република Македонија, рече на прес-конференцијата Ѓорчев.