-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

П. Богоевски: Функционерите се научени да се однесуваат како владетели и деспоти, а не како извршители и административци

Интервју со активистот на “Шарената револуција“ и пратеник на СДСМ Павле Богоевски

 

ПОГЛЕД: Г. Богоевски.Какви ќе бидат вашите активности како пратеник во Македонското Собрание во заложбите за побрзо влегување на Македонија во ЕУ и НАТО?

 

 

Еден Пратеник, во смисла на еден „за“ или „против“ глас во Собранието, може да направи малку за евроинтеграциите на нашата држава. Но, тоа што на Собранието, според мене, досега му недостасуваше беше јасна претстава за тоа што значат европските вредности. Тоа се многу повеќе од едноставен список на придавки и епитетити. Видете, текстот на законите со европско знаменце лесно се менува. Менталитетот на луѓето е многу поригиден кога станува збор за промена. Поради тоа, вистински аргументираната дебата мора да биде присутна при секое ново, поголемо законско решение. Бидејќи се’ додека работата на Собранието е сведена на едноставно гласање и менување на законите, тие закони нема никогаш вистински да бидат прифатени од граѓаните. Тогаш, ќе се сведеме на едноставно штиклирање на квадратчиња без да имаме вистинска промена. Всушност, уверен сум дека токму тоа е и најголемиот дел од причината за политичката криза. Вистинската дебата во чиј фокус ќе бидат аргументите и европските вредности е клучот кон решавањето на овој проблем и токму тука планирам да го насочам мојот фокус.

 

 

 

ПОГЛЕД: Како според Вас може да се реши проблемот со партизираноста на сите полиња во Македонија, бидејќи не само во администраијата, туку во сите гранки што се наоѓаат под државна капа постои огромна превработеност и партизираност?

 

 

Решавањето на проблемот со партизираноста, според мене, би требало да се одвива во три фази:

  1. Отстранување на луѓето кои за злоупотребиле својата функција, положба или овластување во партиски цели. Овде спаѓаат од директорот на јавното претпријатие кој местел тендери со цел да ја финансира партијата пред избори, па се’ до директорката на училиштето кое ја кратеше наставата за да им нареди на малолетните ученици да одат на протестите на За заедничка Македонија. До благајникот кој со државни пари принтал партиски рекламен матерјал. И така натаму.
  2. Поставување пример од страна на извршната власт. Прво, мора да се внимава дека отстранувањето на стариот кадар кој работел под партиско влијание, нема да има несакани последици врз кадарот кој професионално си ја вршел службата. Ова посебно се однесува на нераководните, неполитичките позиции. Потоа, поставувањето на новиот кадар мора да биде врз основа на принципите на професионалност и недискриминација. На крајот, новата Влада ќе мора да покаже преку самото работење дека секоја злоупотреба на администрацијата во партиски цели ќе биде недозволена и сосдветно санкционирана.
  3. Последниот чекор е зајакнување на механизмите за контрола и надзор. Тука пред се’ мислам на Собранието, бидејќи од таму ја гледам мојата функција во насока на овој проблем. Контролните механизми не смеат да се плашат да ја вршат својата функција и треба редовно да ги повикуваат на одговорност носителите на извршната власт кои ќе застранат од овој пат.

 

 

ПОГЛЕД: Пред извесно време актуелна стана изјавата на пратеникот од пратеничката група на вашиот коалициски партнер ДУИ, Бранко Манојловски, за легализација на хомосексуалните бракови. Дали во кревањето на ова прашање во време кога Македонија се соочува со редица посериозни проблеми како блокадата на државниот систем, фактот што уште нема распишано локални избори, опструкциите кои се вршат врз СЈО им врши услуга на самите хомосексуалци бидејќи самите тие тоа не го побараа или пак е прекрасен начин да се сврти вниманието на јавноста во сосема друга насока?

 

 

Мислам дека не постојат помалку или повеќе сериозни општествени проблеми. Да, на ниво на цела држава, проблемот со нееднаков пристап до правда е мошне горливо прашање, но за ЛГБТ луѓето подеднакво горливо е и прашањето на пример, на дискриминација на работното место. За Ромите е подеднакво горливо прашањето на пристап до образование и сл. Да, Бранко Манојловски не се консултираше со никој од партијата или коалицијата пред да го отвори тоа прашање, но ете, се случи. Мислам дека не треба да се бега од таквите, општествено поларизирачки дискусии. Со тоа само ги амплифицираме проблемите и ризикуваме да се соочиме со многу поголеми потешкотии во иднина.

 

 

 

ПОГЛЕД: Потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири наиде на огромен број критики откако на својот фејсбук профил објави текст на хадис на Пророкот Мухамед наменет за хомосексуалците. Без да навлегуваме во толкување дали во случајот се работеше за ширење говор на омраза или личен став, дали се согласувате со тврдењето на одредени ваши симпатизери дека не е нормално социјалдемократ да цитира религиозни текстови?

 

Се разбира дека има право. Правото на религиско уверување и практикување на религијата е човеково право, исто како што е правото на живот или на еднаквост. Но, истовремено, секој од нас мора да биде свесен дека слободата на изразувањето значи и одговорност за соочување со критиките на таквото изразување и дека не секогаш нашите вредности ќе бидат во согласност со заедничките вредности врз основа на кои се темели нашата коалиција, односно дека секој од нас, порано или подоцна, ќе мора да жртвува дел од себе во име на повисоката цел.

 

 

 

ПОГЛЕД: На социјалните мрежи и на одредени портали се појави информација дека сте биле нападнати во кафе барот “Излет“ поради нерасчистени сметки со извесен Исмаил Малиќи. Дали ова е точно или се работи за спин од страна на вашите политички ривали?

 

 

Исмаил Малиќи е мој соборец и близок пријател. Можеле да одберат некоја поверодостојна мета на нивната пропаганда. Видете, ваквите приказни ми се смешни. Не е прв пат, а споменатата вечер воопшто не ни бев во кафе барот Излет. Очекувам овие парчиња пропаганда да се зачестат уште повеќе во периодот пред локалните избори.

 

 

 

 

ПОГЛЕД: Дали вие лично како левичар ќе се заложите за намалување на репрезентативните трошоци за високите функционери. Деновиве се појавија информации за илјадници евра потрошени во скапи ресторани во МК и странство.

 

Да, мое верување е дека функционерите во нашата држава се навикнати да се однесуваат како владетели и деспоти, а не како извршители и административци. Кратењето на репрезентативните трошоци е одлична порака кон самите функционери дека деспотското однесување не е прифатливо, а кон целата јавност дека станува збор за Влада која управувањето со државата го гледа како должност, а не како статус кој со себе носи бројни привилегии.

 

 

 

ПОГЛЕД: За крај ако ни дозволите едно трик прашање: Останаа ли твитерџии кои не се вработени во владата?

 

Мислам дека твитерџиите, но и останатитиот непартиски кадар кој влезе во Владата ќе биде вистинско освежување во работењето. Иако ја разбирам првичната резервираност, па дури и критики кај дел од јавноста во однос на овој пристап, уверен сум дека резултатите на овој свеж бран енергија во владата ќе се почуствуваат мошне брзо

 

поврзани објави

Последни објави