3.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Коњите ги изедоа, зарем не!

Постарите генерации сигурно ќе препознаат дека насловот во суштина е позајмен (ама малку модифициран), од насловот на култниот филм на Сидни  Полак „They Shoot Horses, Don’t They – Коњите ги убиваат, зарем не“ во кој главната улога ја играше Џејн Фонда. Е па според она што деновиве беше објавено „нашиве копуци“ по кафеани се гоштевале со коњски бифтеци бизонски шницли и ред други егзотични специјалитети од светската кулинарика. Ама како секој копук кој од опинци ќе скокне во „лаковане ципеле“ (Бранислав Нушиќ) барем според кафеанските сметки, покрај коњскиот бифтек и бизонскиот стек не можел и без пинџур а и малку мешана скара, а секако тоа сме го плаќале сите ние односно одело од службените картички поточно од буџетот. Вакви копуци, по правило што би рекле ние дебармалците „у џеб имаат кобра па се плашат да пружат „рука и да извадат сопствени пари“. Верувам дека сите не интересира како и кои ги трошеле нашите пари посебно кога станува збор за вакви и слични гозби, понатаму мерцедеси со масажери и екрани за да можат децата да гледаат цртани, или пак лед екрани од по пола милион евра. Добро би било актуелната влада наместо парцијално да не запознава со ваков според мене „вистински арамилак“ да ги истражи сите вакви арамилаци па тогаш да излезе со конкретни информации ама и какви се можностите за вакво нешто тие кои го направиле да одговараат. Вака парцијални или пак премислено во комуникацискиот тим на владата соопштенија, можат да се сфатат како солидна спин алатка да се пренасочи вниманието на јавноста и да се „купи време“. И така додека коњите и бизоните посебно во „демократските медиуми“ ама и некои бивши „патриотски“ чии газди на прв поглед срамежливо веќе по не знам кој пат ги менуваат „дресовите“ беа преџвакани повеќе пати, интересот на медиумите се префрли на меѓународната политика. Нема да верувате ама еден од „водечките демократски медиуми“ кој го уредува „најдемократскиот“ уредник само во неделата (23.7) објави цела низа од вести од посетата на Заев на БиХ. Па така разбравме како Заев се сретнал со својот домаќин премиерот на федералната влада. Па следна вест е Заев со претседавачот на претседателството ма БиХ, па со претседателот на парламентот на БиХ кој патем бил одушевен од Заев кој претставува нов ветер во регионот? Уххх ако продолжи вака богами бргу ќе ги стигне „Куририте“ на Груевски кои со години не давеа со вестите од патриотски маштап демек Груевски се сретна со овој, па со оној, па пресече лента на селски водовод, па фрли две три лопати на темелите на спортска сала, па го решаваше проблемот на земјоделците од Свирипичино… и сето тоа во 24 часа, Се тече се сѐ менува ама не кај нас, нека ми биде дозволено да ја парафразирам позната античка мисла на Хераклит (panta rei)

Сепак најголема прашина неделава предизвика нацрт договорот за добрососедство со Бугарија кој се најде и на затворена седница на собраниската комисија за надворешна политика.  Ајде на самиот почеток да расчистиме неколку работи. Прво дали ни треба договор за добрососедски односи со Бугарија? Одговорот е многу едноставен. ДА! Понатаму дали со тој договор ќе треба да доведе до „некаква заедничка историја и заедно да одбележуваме некои историски датуми. Бугарската страна посебно е заинтересирана за првиот Илинден. Моето скромно мислење е НЕ. Имено ајде да се потсетиме дека овој договор за добрососедство се темели врз декларацијата која со бугарската страна ја потпиша тогашниот премиер Љубчо Георгиевски. Да ги прашам „демокративе како тогаш се пишуваше за ова односноЉубчо беше прогласен за предавник и бугарофил!! Кога станува збор за заедничко славење на празниците такво нешто прв спомена Д-р Владо Бучковски како премиер. Мојата дребност и тогаш и сега е против такво нешто од причина што ние и Бугарите навистина имаме заеднички процеси во одредени историски периоди, ама немаме заедничка или иста историја. Интересно тогаш многу од демократските новинари и медиуми исто така беа против оваа идеја на Бучковски ама денеска голем дел од тие исти новинари го бранат договорот иако тој формално е државна тајна, односно новинарите и медиумите не го виделе. Сепак од некои изјави кои доаѓаат од Софија не соодветствуваат со изјавите кои ги дава премиерот Заев. Според Заев текстот на договорот сѐ уште е отворен, но министерката за надворешни работи на Бугарија беше децидна дека договорот е затворен односно е во фаза на „земи или остави“. Понатаму формулацијата околу јазикот исто така најблаго речено чудна. Имено според изјавите на премиерот во договорот ќе стои дека тој е потпишан на македонски и бугарски јазик кои според уставите на двете држави се официјални јазици на Македонија и Бугарија. Формулацијата Уставен официјален јазик во меѓународното право не постои. И кога сме кај јазикот ви предлагам да го отворите порталот Фактор и да го прочитате интервјуто со Д-р Мариа Андонова Пиргова политиколог и професор на Универзитетот во Софија која за себе вели дека е бугарка со потекло од Македонија. За оваа госпоѓа Македонскиот јазик е бугарски дијалект од кои по втората светска војна политички бил „создаден“ македонски јазик. Но таа лично ете „доброжелателно“ тоа го прифаќа и не и смета. За овој доктор на политички науки е иритирачки денеска да се зборува за признавање на јазик, потоа за национални малцинства, демек тоа не биле европски вредности, а таа лично како и актуелното бугарско водство сакаат Македонија да ја видат во ЕУ и НАТО. На ова што да се каже освен „Мерси доктор Пиргова“. Во секој случај скоро сум убеден дека договорот двајцата премиери Заев и Борисов ќе го потпишат. Ратификацијата ќе оди можеби по споро барем кај нас, но затоа хистеријата веќе сега започна. Кои ќе бидат ефектите позитивни и негативни ќе видиме иако сега засега сум воздржан. Имено и кога ја прифатиме референцата ФИРОМ ни се сервираше шарената лага дека тоа ќе трае кратко неколку месеци и дека нема да има никакви последици за државата. Ама тие неколку месеци се развлекоа на 26 години и сѐ уште траат, а последиците сите ги чувствуваме. Како што реков хистеријата веќе започна. На една страна актуелната власт заедно со поддржувачите и цел куп сончогледи и „упикувачи“, договорот го става на некакво судбоносно историскорамниште кое ќе не однесе во ЕУ и НАТО, што не е ниту од далеку така. Од друга страна пред сѐ опозицијата договорот го прогласи за национално предавство и продавање на идентитетот на македонскиот народ. Што според мене и тоа не е точно.  Притоа тоа го прави не од некои идеолошки, политички па ако сакате и национални побуди и интереси, туку и ова е само една алатка во одбраната на хазаинот Груевски и фамилијата. Односно ВМРО-ДПМНЕ го продолжува својот самоубиствен танц, а верувајте таа самоубиствена политика ќе се ефектуира веќе на следните локални избори, иако Груевски пред судот изјавува деке тој не мисли да бега од државата бидејќи се подготвува да се врати на власта. Изјава која покажува дека Груевски едноставно несака или не ја прифаќа реалноста. Е тоа е веќе прашање за друга научна дисциплина…

Тодор Пендаров

 

поврзани објави

Последни објави