Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара јавна, отворена и итна седница во врска со најавата за потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија. Собранието, како што истакна на прес-конференција Илија Димовски, треба да го разгледа договорот и да донесе заклучоци дали треба или не да се потпише. Договорот, според ВМРО-ДПМНЕ, е штетен за Република Македонија.
– Парламентот мора јавно и транспарентно да го добие договорот. Владата може краткорочно да го крие затоа што договорот не е добар за Република Македонија. Порано или подоцна мора да го објави, рече Илија Димовски на прес-конференцијата во Собранието.
Договорот, според Димовски, ќе отвори стари историски рани, да нанесе болка кај многу семејства чии претци биле жртви и се бореле за автономија, за самобитност и за самостојност на Македонија и за културна и историска засебност на македонскиот народ.