-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Премиерот Заев со амбасадорот Стафансон: Пријателска Шведска е отворена целосно да ги помогне реформските процеси што ги најави Владата на Република Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска оствари средба со амбасадорот на Шведска во Република Македонија, неговата екселенција Матс Стафансон.

Амбасадорот Стафансон ги пренесе честитките на владата на Кралството Шведска, за изборот на новата влада и за именувањето на Зоран Заев за премиер, особено за импресивните остварувања на Владата на Република Македонија уште во првите два месеци од мандатот и додаде дека неговата земја е отворена целосно да ги помогне реформските процеси што ги најави македонската влада.

Премиерот Зоран Заев се заблагодари на отворената поддршка и истакна дека Шведска и досега имаше изразено пријателски и поддржувачки пристап во периодот на разрешувањето на политичката криза во Република Македонија. Премиерот Заев истакна дека за Република Македонија е исклучително позитивен и конструктивен пристапот на Шведска, како и на Европската Унија и дека со поддршката на пријателските држави секогаш е многу полесно да се решаваат предизвиците и процесите што се исправени пред земјата.

Претседателот на Владата на Република Македонија го информираше амбасадорот Стафансон за првите успешни спроведени мерки и отворени процеси од Планот 3 – 6 – 9. Премиерот Заев нагласи дека мерките предвидени со овој реформски план на владата, освен што имаат за цел да ги забрзаат процесите и да ги отстранат пречките на патот до НАТО и ЕУ, создаваат и амбиент за целосно заокружување на демократските процеси, за создавање услови за спроведување на реформите во правосудството, за владеење на правото, за медиумските реформи, како и за другите процеси опфатени во првите три месеци од планот.

Посебно внимание на средбата со амбасадорот на Кралството Шведска беше посветено на регионалната и на билатералната соработка на Република Македонија со земјите од Западен Балкан. Премиерот Заев го запозна амбасадорот Стафансон со активностите што следуваат во врска со потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство во Република Бугарија, како и за останатите преземени чекори за подобрување на односите со соседните земји на Република Македонија и со другите држави во регионот.

Шведскиот амбасадор ја поздрави проактивноста и иницијативноста на Република Македонија на овој план и изрази мислење дека е од исклучително значење тоа што го постигнала владата и премиерот Заев во однос на релациите со соседите.

Премиерот Заев и амбасадорот Стафансон разговараа и за други настани што ја очекуваат Република Македонија во претстојниот период, особено за спроведувањето на локалните избори.

поврзани објави

Последни објави